Спречен организиран криминал со половни возила, поднесени 24 кривични пријави
Разбиена организирана мрежа од увозници, шпедитери, возачи во превозни компании и царински службеници кои здружено внесувале половни возила во Македонија и ги нуделе на продажба без да платат увозни давачки.
Запленети се 35 автомобили кои вредат над 320 илјади евра. Со тоа што ги избегнале давачките направиле штета на државниот буџет од околу 150 илјади евра. Поднесени се кривични пријави за 19 лица, од кои осуммина царински службеници и пет фирми. За цариниците во тек се дисциплински постапки.
„Сторителите на кривичните дела, кои биле учесници во добро организирана и разработена шема, изработувале фалсификувани придружни документи кои се потребни за завршување на царинската постапка и фиктивно гo раздолжувале транзитот без притоа да спроведат царинска постапка. Така, без да бидат платени царината и другите увозни давачки, возилата биле пуштани во слободен промет и истите завршувале на различни авто – плацеви во државата.“ – Бобан Николовски, директор на Царинската управа
Николовски очекува по завршување на истрагата да бидат поднесени пријави и против други лица за исти или слични кривични дела.
Во меѓувреме, за друг неповрзан случај, скопското обвинителство поднесе обвинение против 10 лица за криумчарење на луксузни автомобили, како и фалсификување исправи. Двајца од нив се службеници од МВР кои овозможиле регистрација на возилата, иако знаеле дека се криумчарени.
„Во текот на 2021 и 2022 година, тие со лажни документи и преправени броеви на шасија, внесувале во земјава автомобили кои биле предмет на меѓународна потрага, како и автомобили за кои на друг начин ја избегнувале царинската контрола. Еден дел од возилата по неколкупати меѓусебно си ги препродавале за да го прикријат криумчарењето, по што ги отуѓувале на крајни корисници.“
Четири лица веќе се во притвор. Вмешан бил и грчки државјанин. За него постапката ќе се води во Грција.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар