По царините на Трамп, Мицкоски очекува добра вест од САД за македонската економија
Премиерот оптимист по царините кои американскиот претседател ги воведе за речиси сите држави во светот, вклучително и Македонија. Откако Белата куќа одлучи македонските производи да ги царини со 33%, Мицкоски вели дека Владата е во постојана комуникација, а веќе денеска очекувал добра вест за македонската економија. Иако премиерот не беше доволно прецизен во одговорот, претходно од Владата велеа дека ќе настојуваат со САД да се склучи Договор за слободна трговија.
- Со нашиот стратешки партнер, САД, сме во постојана комуникација и со Министерството за економија коешто го предводи Хауард Лутник, којшто е мој личен пријател, и со Министерството за финансии, и со Стејт Департментот, и со кабинетот на претседателот Трамп. И министерот Муцунски со државниот секретар имаше средба во Брисел, една од темите беше оваа. На дневна основа имаме и телефонски се слушаме. Очекувам денеска убава вест за македонските граѓани и за македонската економија, вели Мицкоски.
Царините кои Трамп ги воведе за македонските производи е речиси на нивото на тарифата за Кина чиишто производи ќе бидат царинети со 34%. На удар на американските царини ќе се најдат индустриски, но и земјоделски и прехранбени производи кои од Македонија најмногу се извезуваат во САД.
Според податоците од Државниот завод за статистика, трговската размена лани била 314 милиони долари. Извозот од Македонија во САД бил 118,2 милиони долари, а тука биле увезени американски производи во висина од 195,9 милиони долари.
Експертите досега јавно говореа дека македонската економија нема да претрпи голем удар од американските царини, но влијанието ќе дојде откако нашите главни трговски партнери, како Германија, ќе почне да ги чувствува последиците од мерките на администрацијата на Трамп.
Додека светот се соочува со оваа радикална мерка на американската администрација, во Вашингтон протести против политиките на Трамп. Организирани од Коалиција на повеќе од 150 групи, меѓу кои Организации за заштита на човековите права, синдикати и асоцијации на ветерани, илјадници демонстранти побараа Трамп да замине од Овалната соба.
- Се плашам, загрижен сум за моите деца и внуци. Овие трошоци ќе имаат влијание врз нив уште долго, долго време.
- Мислам дека ресетирањето ќе биде погубно за луѓето во оваа земја, бидејќи сè што ќе направи е да го ресетира за да можат производителите во оваа земја да ги зголемат своите цени за нас.
Стравувањата на странските економски експерти се дека трамповите царини би можеле да предизвикаат глобална рецесија. Уште веднаш по нивното воведување, имаа влијание врз берзите ширум светот.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар