Собранието ги изгласа законски измени за изградба на автопатите од коридорите 8 и 10д
Собранието во рамки на денешното продолжение на 115-тата седница ги донесе измените и дополнувањата на петте закони поврзани со реализација на Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на четири автопатски делници на коридорите 8 и 10д.
Со 60 гласа „за“ и 43 „против“ беше донесен Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, со 62 гласа „за“ и 43 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација, со 63 „за“ и 43 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за градење, со 62 „за“ и 44 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, а со 63 „за“ и 43 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија, сите по скратена постапка.
Претходно Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ во процедурална забелешка посочи дека неговата пратеничка група ќе гласа против законите за реализација на автопатите за коридорите 8 и 10д, за како што рече, да остане забележано и нотирано во историјата дека најголемиот проект на оваа Влада „е покриен и целосно исполнет со основни сомненија за злоупотреба и можен криминал од невидени размери со народни пари и дека сите овие постапки и процедури за носење на овие закони и договори ќе бидат внимателно анализиран, ревидирани и процесуирани до адекватните институции по промената на власта во Македонија“.
Владата на 5 мај усвои измени и дополнувања на пет закони поврзани со изградбата на коридорите и ги означи со европско знаменце, откако претходно опозициските пратеници ги блокираа законските измени што до Собранието ги предложи група пратеници од власта.
Аргументите на власта се дека со законските измени ќе се овозможи побрза, поефикасна и поевтина изградба на четирите автопатски делници на коридорите 8 и 10д, како и дека државата треба да ја заокружи изградбата на Коридорт 8 по неговото недамнешно впишување во мапата на европски коридори. Во тек на дебатата опозицијата го оспори поставувањето на европското знаменце, а образложение од власта за тоа побараа и од делегацијата на ЕУ во земјава.
Најмногу реакции во дебатата во Комисијата за европски прашања, како и на пленарната седница каде расправата заврши вчера предизвикаа измените на Законот за работни односи. Со нив се носи одредба со којашто ќе се овозможи прекувремена работа подолго од осум часа неделно и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога се работи за работи од национален и стратешки интерес за државата, по претходно дадена писмена согласност на работникот. - Поради природата на работите и задачите што се вршат во работите од национален интерес на Република Северна Македонија, има потреба тие да може да се спроведуваат и во недела. Работниците се заштитени со Законот за работни односи и секој прекувремен час ќе им биде исплатен 35 проценти согласно Законот и Колективниот договор. Исто така, работниците имаат право на дневен и неделен одмор, образложија од Владата.
Со измените и дополнувањата на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола) се овозможува поедноставување на прометот и ослободување од данок на додадена вредност и акциза на енергенти за прометот на добра и услуги којшто е извршен кон инвеститорот од страна на стратешкиот партнер, како и прометот кон инвеститор за цели на проектот од овој закон.
Измените и дополнувањата на Законот за експропријација, пак, треба да овозможат поефикасна примена на Законот за експропријација за реализација на градби од стратешки интерес за државата, а измените и дополнувањата на Законот за урбанистичко планирање, предвидуваат да се воведе нов тип на урбанистички проект за градби од стратешки интерес и се уредува изработката, постапката на донесување и спроведувањето на тој урбанистички проект.
Како посебен вид на градби, односно како градби од стратешки интерес се: државни патишта како градби чијашто изградба е предвидена со Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола), како и на железнички пруги и магистрални гасоводи, енергетски градби како и други инфраструктурни градби – утврдени како градби од јавен интерес. Изградбата на градбите од стратешки интерес е предвидено да се врши врз основа на урбанистички проект за градби од стратешки интерес, одобрен согласно Законот за урбанистичко планирање.
Ново на Сител
-
Како да ги искористите ваучерите за инвертер клими?
-
Тема на денот со Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини
-
Прв пат во Македонија дијагностицирана ретка генетска болест „Фабри“ - Двајца пациенти се на терапија
-
Преглед на вестите од светот
-
Реформската агенда за ЕУ пред пратениците
-
Силјановска: Реален и рационален е оптимизмот за одблокирање на европската интеграција
-
Антикорупциска: Незаконско е назначувањето членови за УО на Академијата за судии и обвинители
-
ДКСК: Екс-министерката за култура на службено патување трошела буџетски пари за приватни цели