Спорт плус
29. March 2018 - 18:48

Скопскиот маратон ќе се трча на 6. мај

Денеска на прес конференција  беа најавени две трки во текот на наредниот период во Скопје, женската трка која ќе се трча на 1. април и Виз Ер скопскиот маратон кој ќе го доживее своето 14. издание на 6. мај.

„На Виз Ер Скопски маратон повторно очекуваме пријавување на голем број натпреварувачи. Моментално имаме околу 4.000 пријави од 46 земји од светот. Многу ни е драго што Виз Ер Скопски маратон е настан кој ги мотивира спортските амбасадори од целиот свет да се запознаат со Македонија. Затоа ја поканивме и Пола Редклиф. Таа прифати да биде дел од Виз Ер Скопскиот маратон. Оваа славна британска атлетичарка, ќе биде промоторка на годинашното издание на маратонот. Пола е актуелна светска рекордерка во маратон со резултат од 2:15:25 поставен во 2003 година. Влијанието на Виз Ер Скопски маратон е големо за промоција на спортот во Македонија и пошироко и тоа ќе може да го видите на 6-ти мај, а и за 4 дена, на 1-ви април.“, рече Кире Синадиновски, директор на Виз Ер Скопски маратон.

Тој додаде дека оваа година додаваат и еден музички елемент со цел тркачите да бидат мотивирани на патеката и ги повика радијата да се пријават да бидат дел од Виз Ер Скопски маратон.

„Сакам да упатам апел да се пријават што повеќе жени на оваа женска трка бидејќи како што знаете, жените спортисти во минатото, а и денес биле и се учесници во големи спортски настани и со успех ја истакнале Република Македонија на повеќе меѓународни натпревари. Јас како директор на Агенцијата за млади и спорт ќе продолжиме и во иднина целосно да ја поддржуваме иницијативата за што поголема афирмацијата на жената во спортот.“, истакна Дарко Каевски, директорот на Агенција за млади и спорт на Република Македонија.