Синдикатите и работодавачите со различни ставови за „недела неработен ден“
Премиерот Мицкоски предлага или во недела да не работи никој или да има можност да работат сите кои ќе се договорат со работниците да им дадат двојна дневница. Дали ќе се менува законот ќе се знае после празниците откако на економско социјалниот совет аргументите ќе ги вкрстат работодавачите и синдикатите.
„И денеска, недела за одредени професии е работен ден. Тоа не може. Или за сите ќе важи тоа или за никого нема да важи, па ќе има дупли дневници, тродупли итн“ – Христијан Мицкоски, премиер
Од организацијата на работодавачи велат дека уште кога се носеле законските измени реагирале оти ќе се направат пропусти. Оттаму сметаат дека дејностите не треба да се ограничуваат, работниците соодветно да се платат, а трудовите инспектори засилено да контролираат.
„Работниците сакаат да работат во недела ако тоа им се плати и ако се обезбеди друг ден во неделата како неработен. Во одредени дејности, да речеме во млекопроизводството се остави да може само прибирањето на млекото од земјоделците да се земе, но не и да се преработува тоа млеко, што им направи додатни проблеми затоа што овие од преработката сакаа и тие да работат во недела затоа што сакаат да земат зголемена дневница“ – Ангел Димитров, организација на работодавачи
Од друга страна, пак, синдикатите бараат во недела да не работи никој оти ниту една анализа не покажала никаква оправданост. Според ССМ, сега во недела работат 30 илјади работници, а одмараат 500 илјади.
„Ако Владата остане на ставот недела да биде неработен ден за сите работници во Македонија, ќе исправи една голема неправда нанесена во 2022 година кога на мала врата се пробутка да работат моловите, не гледаме ниту економска оправданост, ниту било каква оправданост тие да работат во недела. На работниците некогаш повеќе потребно им е слободното време со нивните семјества, отколку дополнителна дневница“ – Слободан Трендафилов, претседател на ССМ
Прогласувањето на недела како „ден за неделен одмор“ беше оспорено пред Уставниот суд од Стопанската комора. Уставните судии ја отфрлија иницијативата со став дека наводите на бизнисмените се неосновани.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар