Свет
4. May 2025 - 10:17

СИЕПС: Приемот на нови членки ќе го промени односот на силите во ЕУ

„Заживувањето“ на политиката за проширување на ЕУ, поттикнато од руската агресија врз Украина, ги разгоре дебатите за институционалните прашања во блокот, особено поврзани со рамнотежата на моќта и процесите на донесување одлуки во европските институции, како и за тоа дали и какви институционални реформи се потребни за подготовка на Унијата за прием на нови членки. 

Ова се наведува во анализата на Шведскиот институт за европски политички истражувања (СИЕПС) насловена „Влијанието на проширувањето врз рамнотежата на моќта во Советот“, во која се оценува дека приемот на нови членки во ЕУ ќе предизвика промени во соодносот на силите при носењето одлуки во рамки на блокот, зголемувајќи го влијанието кон помалите земји од источна и јужна Европа, на сметка на големите западни држави.  

– Проширувањето би го зголемило притисокот за напуштање на консензусот во Советот, но сепак, значајната реформа на носењето одлуки зависи од големите држави, кои нудат стимулации на помалите, како што се прилагодување на квалификуваното мнозинство, воведување барања за супермнозинство или овозможување диференцирана интеграција. Без убедливи понуди до помалите држави, значајна реформа на правилата за гласање останува малку веројатна, но проширувањето може да продолжи и без промени, со оглед на тоа што ревизијата на договорот не е предуслов за понатамошно проширување, се наведува во документот. 

Во моментов големо мнозинство од законодавните одлуки во Советот се носат со квалификувано мнозинство, односно за нивно усвојување е потребна поддршка од 55 отсто од земјите членки, што претставуваат најмалку 65 проценти од вкупното население на ЕУ. 

Оттаму, според авторите на анализата, потенцијалниот прием во ЕУ нови земји, особено оние со поголем број жители, како Украина, би имало длабоки импликации врз балансот на моќта што при гласањето, преговорите и постигнувањето договори во рамки на Советот. 

Анализата прави проценка на ефектите од три можни сценарија за проширувањето на ЕУ врз рамнотежата на моќта помеѓу земјите членки. Првото сценарио наречено ЕУ30 се однесува на прием на Украина, Молдавија и Грузија, второто – ЕУ33 ги вклучува кандидатите од Западниот Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Србија и Црна Гора, а третото ЕУ36 би било при приемот на сите претенденти за членство. 

Според анализата, сите три сценарија за проширување ја зголемуваат важноста на помалите земји членки во ЕУ. Во Унија од 36 членки, земјите со помалку од 10 милиони жители би сочинувале речиси две третини од нивниот вкупен број, за разлика од сегашните околу 56 отсто, но во нив ќе живеат под 17 отсто од вкупното население во Унијата.  

Во една проширена ЕУ, при сите три сценарија, трите најнаселени земји во ЕУ – Германија, Франција и Италија ќе загубат од својата моќ во Советот, но заедно со уште една држава и би го имале т.н. блокирачко малцинство, за кое се потребни четири членки со најмалку 35 отсто од вкупното население. 

Од друга страна на овие три земји за обезбедување на квалификувано мнозинство при ЕУ од 36 членки би им била потребна поддршка од уште 17 други држави, за разлика од сегашните 12. 

Во кое било сценарио на проширувањето, шесте земји основачки на Унијата – Белгија, Германија, Италија, Луксембург, Франција и Холандија, заедно би можеле да блокираат која било одлука на ЕУ, а од друга страна таквата можност ќе ја загубат „новите“ членки примени во блокот меѓу 2004 и 2013 година. 

Секое проширување со кое би била опфатена Украина значително би го зголемило влијанието на источните членки на ЕУ во Советот, при што посткомунистичките земји би сочинувале мнозинството од сите земји во блокот. 

Проширувањето би го намалило и влијанието на земјите од реонот на Балтичкото Море, но би го зајакнало „Медитеранскиот блок“, кој би имал можност за блокирање на одлуките. 

Претпоставките се дека во една проширена Унија со 36 члена постигнувањето консензус ќе стане потешко, што веројатно ќе го зголеми притисокот за напуштање на едногласноста за прашањата за надворешна и безбедносна политика, со цел да се зголеми нејзината ефикасност, се наведува во анализата. 

Но, зголемениот број на членки ќе ја усложни и можноста за постигнување квалификувано мнозинство, бидејќи за тоа ќе биде потребна поддршка од поголем број земји. 

Сепак, според авторите, во една Унија од 36 члена, „големата тројка“ ќе има поголем избор на потенцијали партнери за усвојување на одлуки, односно 33, наместо сегашните 24.  

Анализата сугерира дека централно прашање во дебатите за можните реформи на донесувањето одлуки во Советот останува проблемот како да се обезбеди поддршка од малите и средните земји во услови кога за секоја промена на Договорот на ЕУ, вклучително и за начинот на одлучување, е потребен консензус од сите земји членки. 

– Големите земји кои се залагаат за укинување на консензусот при гласањето во Советот можеби ќе мора да понудат награди и гаранции на помалите членки, вклучително и промена на дефинициите на квалификуваното мнозинство и блокирачкото малцинство, воведување на барање за супермнозинство за најчувствителните области на политиката… Без убедливи понуди до помалите земји членки, значајната реформа на правилата за гласање во Советот останува неверојатна, а проширувањето може да продолжи без подлабока интеграција – особено имајќи предвид дека, од правна гледна точка, ревизијата на Договорот не е предуслов за понатамошно проширување, се заклучува во Анализата на Шведскиот институт за европски политчки истражувања.