Македонија
1. August 2016 - 15:36

Санирана околу 90 отсто од проценетата штета од невремето во Шипковица

Санирана е речиси 90 проценти од проценетата штета од невремето што точно пред една година го погоди населеното место Шипковциа.

Досега се исплатени 500 илјади евра од државата на жители од Шипковица чии домови и имоти беа погодени со невремето проследено со навеви и лизгање на земјиштето. Проценетата штета изнесуваше 75 милиони денари.

Во посета на Шипковица денеска беше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој се сретна со жителите на Шипковица и направи увид на она што досега е санирано односно направено.

Жителите на Шипковициа го пречекаа Груевски со благодарница за она што Владата и тој го направиле за нив во изминатата година.

Тие истакнаа дека санирана е речиси 90 проценти од штетата, но побараа помош од Груевски за санирање на уште неколку куќи, но и патот над селото и за карпата која што би можела да предизвика штета  при евентуално ново невреме.

-  Владата исплати околу 25 милиони денари во декември на Бирото за судски вештачења. Потоа се утврдило дека треба уште 8,5 милиони денари затоа што имало некоја грешка од страна на Бирото за судски вештачења и во јули се исплатени и тие средства на општина Тетово. Така што тие се најверојатно во тек на исплата или треба да се исплатат брзо. Од тој аспект колку што сум информиран од страна на надлежните,  Владата ја има завршено обврската и сега треба да се заврши останатиот  дел преку општината, рече Груевски во разговор со жителите на Шипковица.

Во разговорот со него жителите беа благодарни за активностите што ги презела Владата.

- Тоа што го рече премиерот Никола Груевски, тоа го оствари, со еден збор 90 отсто. Некои луѓе не се задоволни, но сите ние имаме проблеми. Најбитно за ова село е  каналот што  ја прави поплавата  во селото и за коишто претставници на Владата и на други организации мереа, рече еден од жителите.

Во однос на карпата која исто така  би можела да претставува проблем во селото при евентуално невреме, Груевски рече дека ќе се заложи и ќе направи се што може да им помогне на мештаните за обезбедување на местото. 

Државниот секретар од Министерството за транспорт и  врски Божидар Петроски рече дека во врска со сите инфраструктурни проблеми во смисла на проблеми со карпата со суводолици направена е целосна анализа, стратегија и студија од страна на Министерството за животна средина во што беше вклучена и УНДП и овие документи содржат краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки како сето тоа да се санира. 

Проектот  според државниот секретар треба да започне да се реализира на терен.

На терен во Шипковица излегле од УНДП, од градежниот факултет и други лица и експерти заинтересирани да помогнат.

Груевски  рече дека би требало да се предложи на седница на Влада да се даде акциски план и тоа кога би можело да започнат работите и да се среди тој пат кај потокот кај Шипковица и делот со карпата.

За патот од Шипковица кон Бродец односно Попова Шапка државниот секретар во Министерството за транспорт и врски го информираше Груевски дека е завршен од страна на централната власт, но оти останува дел којшто треба да биде опфатен од локалната самоуправа.

- Станува збор за локален пат  од три километри проектиран од  Јавното претпријатие за државни патишта, рече тој.

Вредноста на инвестицијата е околу 25 милиони денари. Исто така на барање на жителите најавено е санирање на приодниот пат во селото Шипковица.

За време на посетата на општина Тетово, Груевски се сретна и со жителите на Брвеница и неколку други тетовски села при увидот на регионалниот пат Тетово - Гостивар делница Брвеница-Чегране.

Во Гостивар тој ќе присуствува на поставување камен темелник за изградба на училиште и спортска сала во ОУ „Мустафа Кемал Ататутурк“, а ќе изврши увид во активностите при изградба на објект Тоскалар  со 70 станови за лица со социјален ризик и други групи,  а ќе се сретне и со жители на Гостивар.