Македонија
16. November 2015 - 12:28

Роман од хрватскиот писател Лудвиг Лујо Бауер објавен на македонски јазик

„Големата љубов на Дон Жуан и малата балканска војна“ од хрватскиот писател Лудвиг Лујо Бауер е најновото  издание на „Бата прес“.

- Кажувањето за крвавиот распад на Југославија и за создавањето на новите држави авторот го илустрира и со многубројните љубовни доживувања на главниот јунак Јан. Љубовните стории се всушност неминовност, речиси одбрана при многубројните патувања и при службувањето во Белград, како кадар од Хрватска, бележи издавачот.

- Ова е една книга која кога ќе ја дофатиш не ја испушташ од раце и притоа во себе негодуваш, некогаш и на глас, што не успеваш уште побрзо да ја прочиташ, пишува во есејот за книгата хрватската поетеса и критичарка Лидија Харак. 

Романот од хрватски на македонски јазик го преведе Ненад Баткоски, а објавувањето беше поддржано од Министерството за култура на Република Македонија во Националната програма за издаваштво за 2015 година. 

Лудвиг Лујо Бауер (1941) е автор на голем број детски книги, раскази, романи, сценарија за филмови (автор е на сценариото за епизодите од популарниот цртан филм „Балтазар“), славист што како професор бил ангажиран во Загреб, Лондон и Вашингтон. Добитник е на голем број награди, меѓу кои и највисоките признанија за објавен роман – „Фран Галовиќ“, „Меша Селимовиќ“ и „Киклоп“.