Македонија
9. November 2017 - 12:55

Проект за рана детекција и превенција од пожари

Во Берово денеска заврши тридневната работилница на проектот „Напреден систем за превенција и рана детекција на шумски пожари“ имплементиран од Воената академија „Генерал Михаило Апостолски-Скопје“ и Универзитетот за применети науки Фулда, Германија, а поддржан од Европската комисија.

Современиот систем за рана детекција на шумски пожари во предели од посебно значење во земјава по теркот на европските земји е еден апсект од превенцијата на шумските пожари кој се предвидува во рамките на европскиот проект, потенцираше проф. д-р Орце Поповски, декан на Воената академија Скопје.

- Во Берово беа презентирани резултатите од проектот, кој треба да обезбеди воведување напредни системи за следење и рано откривање на шумските пожари и на тој начин да приднесеме во намалување на времето за одговор, бидејќи се чини дека постојано доцниме, истакна Поповски.

Крајни корисници на резултатите од меѓународниот проект, освен Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство, Министерството за животна средина, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, ТППЕ, се и Национален парк Пелистер и Националниот парк Маврово, истакна потполковник Никола Клетников, проект-менаџер, Воена академија Скопје.

- Конкретно проектот ќе се спроведува во националните паркови Маврово и Пелистер. Самиот проект се состои во повеќе потсистеми кои се развиваат во Бугарија и Германија и претставуваат една целина. Во Македонија системот се состои од сензори кои ќе се инсталираат во националните паркови Пелистер и Маврови. На кои локации ќе се утврдува во соработка со националните паркови,бидејќи тие најмногу го познаваат теренот и ситуациите со шумските пожари, односно кои се тие предели каде се наоѓаат ендемични видови на флора и фауна и кои се необновливи. Сензорите во раната фаза ќе го пренесуваат сигналот до операторите во Маврово и Пелистер и кои ќе аламираат за пожар, а со видеокамера или дрон ќе с е утврдува каде е пожарот и каде и со колкава сила треба да се излезе на терен. А, податоците ќе се пренесуваат до серверот каде ќе се прават соодветни анализи, потенцираше Клетников.

Проф. д-р Питер Пејн од Унивезритетот Фулда рече дека искуството од справувањето со шумските пожари, посебно во делот на превенцијата и детекцијата на пожарите зависи од географските карактеристики на земјата.

- Овде ќе се изведуваат експерименти, па преку нив ќе откриеме која опрема е најпотребна, која опрема е најдобра научно и економски достапна. Ќе експериментираме со дронови, што е добра идеја бидејќи може лесно да се лоцира преку нив, тие се релативно поевтини од хеликоптер или авион, доволен е само телефонски повик за да тргнат. Ваква опрема дава многу добра врска меѓу трошоците и бенефитот Но, мора да бидат тестирани, и ние тоа ќе го направиме, рече Пејн.

Имплементацијата на проектот ќе трае до април 2019 година.