Македонија
2. March 2018 - 9:30

Преживеан борец од НОБ: Пешачете за да не заборавите да одите

Пешачете, за да не заборавите да одите. За оваа животна мудрост која ја слушал од дедовци и прадедовци, ни раскажуваше неодамна 95-годишниот кавадарчанец Атанас Златев, преживеан борец од НОБ, кој иако се ближи до стотата година од животот, го сретнавме како пешачи на височинка надвор од централното градско подрачје.

Тие паметни зборови им ги пренесувал на младите, од кои некои своето слободно време наместо во здрави активности како него, гo трошат во прекумерно јадење, одмарање и седење пред компјутер. Животната поука особено важи за оние кои на кафе во градот на најблиски дестинации, заминуваат со автомобили.

Иако ја тера 95 година од животот, чичко Наце ни раскажа дека во изминатиот период често пешачел на релацијата до спомен костурницата надвор од градот. Ако некој ден не се чувствувам во најдобра форма, вели, ја пешачам долната линија или поблиската дестинација од неговиот дом.

Не носи очила, со виделото вели дека е добар. Кажа дека низ годините многумина го проверувале дали навистина толку му е добар видот па го прашувале дали забележал какво возило поминало и слично. Некогашниот директор на кавадаречко претпријатие се уште е активен, витален. Умот се уште го држи, па и понатаму пишува и другарува со пишаниот збор. На сиве овие работи можат да му позавидат и многу помлади од него. А тој, секогаш ведар и расположен за муабет, коментира дека подалечните настани повеќе ги памети, како да биле вчера, а богами требало да се подзамисли ако го прашаме што јадел завчера.

Пензионер пешачење

 

Се интересиравме има ли формула за долг живот, да каже ако има таен рецепт за долговечност. Што да јадеме, што да пиеме.

- Нема тајни, јадам се што ми душа сака. Ама најслатко ми е и најмногу од се, сакам печени чушки да си јадам. Јадам колку и да има испечени, излупени и во оцет со лукче. Никогаш не сум пушел цигари, цигара немам в уста ставено. Си пијам по една чашка ракија на ручек за подобра циркулација на крвта, така лекарите ми рекоа и јас го почитувам нивниот совет, открива овој добар човек, појаснувајќи дека во еден период од животот и самиот произведувал вино и го дегустирал со блиски.

Го прашавме и дали можеби гените одиграле значајна улога за неговата виталност, иако се ближи до десет децении живот. 

- Татко ми изживеа 74 години. Но, мајка ми умре млада, дали имаше и 35 години, многу млад останав без неа. Таа умре од д’гата болест, така ја викаа тогаш туберкулозата. Ме прашуваш на кого сум долговечен, на вујко или дедо, ама тешко да најдам таков. Зошто толку многу живеиш, ме задеваат некои. А јас се шалам знаеш, им велам татко ми ми остави многу години. Мајка ми ми остави многу повеќе од нејзините, па јас сега си ги терам нивните години, тоа што за жал тие не успеаја да го изживеат. Родителите ми оставија години во наследство и затоа сум долговечен. Така ете. Во шега знам да кажам не сакам да изживеам стотка, сакам повеќе, барем уште десет плус, оти на стоте години ќе ми никнат нови заби, па да можам да ги искористам. Барем така викаат, дека никнувале нови заби како на мали деца. Велиш договор со Свети Петар да не имам? Немам. Ги лажам пензионерите, се зафркавам, им викам бев јас горе. Како се врати, сакаат да знаат. Ми рекоа за тебе нема кревет, така им одговарам. Така им велам, но всушност во душата длабоко жалам што многу помлади луѓе од мене заминаа од овој свет, дециден е старецот од кој можат да се научат многу поучни животни лекции.

Пензионер пешачење

 

Тој е единствениот жив сведок за богатата историја на народот од Тиквешијата и Македонија. Брчките на неговото лице кријат уште безброј вистини и судбини кои можат да бидат раскажани. Неговиот глас се менува во зависност од спомените кои ги пренесува. Тажен е кога зборува за настаните кои и денес му создаваат немир во душата, а насмевка го краси кога се сеќава на бројните анегдоти од неговиот долг живот. Како и да е, тој е соговорник каков што секогаш се посакува.

Светлана Дарудова/МИА

Ново на Сител