Македонија
1. July 2024 - 21:18

Ќе има ли ќар Македонија од евентуално репреговарање со Бугарија? Аналитичарите со спротиставени ставови

Можно ли е репреговарање на преговарачката рамка? Аналитичарите со спротивставени ставови. За поранешниот амбасадор Васко Наумовски тоа е возможно доколку се создадат услови, а аналитичарот Благојче Атанасовски смета дека бугарските ставови се многу тврди по ова прашање.

Наумовски вели дека и во минатото Македонија имала документи кои биле променети. Според него, доколку се овозможат услови државава може да добие шанса да ги промени условите за влез во Европската Унија.

-Доколку се изменат околностите може да се направат отстапки од тоа што претходно било договорено. Секако, за да се постигне тоа, ќе биде потребно да се добие поддршка од институциите на ЕУ, добро да се аргументираат позициите зошто се бара повторно отворање на одреден документ. И секако во нашиот конкретен случај ќе треба да се влезе во еден искрен дијалог со соседна Бугарија и да се покаже дека она што ние го бараме, како некакви амандмани на тој Договор, односно на таа преговарачка рамка не е на штета на Бугарија, вели Наумовски.

Атанасовски пак, вели дека не треба изјавите на македонскиот врв да се земаат здраво за готово бидејќи во случајов многу е поважно што велат политичарите во Софија. Вели и дека дури и доколку Бугарија се согласи на репреговарање на Францускиот предлог, бугарските апетите дополнително ќе се зголемат и тоа ќе оди на штета на Македонија.

-Треба пред се да се гледаат изјавите на политичарите и државниот врв во Бугарија кои велат дека такво нешто апсолутно не е возможно, односно дека ако се репреговара Бугарија ќе постави дополнителни услови. Односно, Македонија доколку влезе во репреговарање со Бугарија би се соочила со многу полоши односно со многу понеповолни услови за македонската преговарачка позиција. Во тој апсект беа многу категорични и државниот главар на Бугарија Румен Радев и техничкиот премиер Димитар Главчев, но и мандатарот Бојко Борисов, вели Атанасовски.

Унгарија го презема претседавањето со ЕУ. Оваа држава важи за близок пријател на Македонија, особено што владејачките партии во двете држави важат за многу блиски. Наумовски вели дека Македонија ќе добие поискрен пристап од Будимпешта, а проширувањето е високо на агендата на Унгарија.

-Ние во наредните 6 месеци можеме да очекуваме, ако ништо друго, барем еден поискрен пристап којашто ќе биде претседавана од Унгарија. И не би ме изненадило ако Унгарија направи некаков чекор имајќи предвид дека во веќе објавените документи на нивното претседателство стои и проширувањето на ЕУ со Западниот Балкан. Дотоколку повеќе се наведува и оној можеби несоодветен досегашен однос на ЕУ кон проширувањето со Западен Балкан, дека ЕУ била нефер кон нашиот регион, вели Наумовски.

Атанасовски, пак, не е толку голем оптимист. Вели, Унгарија нема големо влијание во ЕУ и не може да ја убеди Бугарија да ги промени ставовите. Вели и дека поранешниот комесар за проширување, Оливер Вархеји, кој доаѓа токму од партијата на Орбан, неколку пати досега има изјавено дека францускиот предлог е добар и е поддржан од сите држави членки.

-Би биле многу наивни доколку сметаме дека Унгарија врз база на пријателството со нашата владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ и премиерот кој произлегува од таа политичка партија, како едни пријатели би биле толку моќни да издејствуваат Бугарија да го смени својот став, или пак да мислиме дека така се раководат меѓународните односи. Напротив, може да бидеме изненадени, непријатно, односно посипани со пепел и да слушаме изјави од официјална Унгарија дека Францускиот предлог е усогласен предлог од 27 земји-членки меѓу кои Унгарија и дека тој треба да се почитува за Македонија да го продоложи својот пат кон ЕУ, вели Атанасовски.

Официјална Софија се уште не се произнесе по изјавите на премиерот Мицкоски за репреговарање на преговарачката рамка.