Loading Video...
Македонија
3. July 2024 - 16:27

Радев: Мицкоски нема познавање од меѓународно и уставно право

Потпишаните договори мора да се почитуваат, а не да се ревидираат. Бугарскиот претседател му одговори на Мицкоски околу можноста за репреговарање на Договорот за добрососедство. Радев вели дека на македонскиот државен врв му недостасува познавање по уставно право и европското законодавство.

- Државното раководство на Република Северна Македонија очигледно не е подготвено. Неопходно е познавање на меѓународното право, што очигледно недостига. Кога ќе се потпише меѓународен договор, тој треба да се исполни од сите идни влади, а не да се ревидира. Очигледно немаат познавања и во однос на европското законодавство за тоа, дека кога има заклучоци на Советот, усвоени со консензус, тие не се објект на пазарења, туку треба да се исполнуваат, рече Радев.

Пораката Радев ја испрати од Атина по средбата со грчкиот премиер, на која Македонија била една од темите на разговор. По средбата Радев не ја исклучи можноста Бугарија и Грција да завземат заеднички став за прашањата поврзани со европската интеграција на Македонија.

- Ние сме подготвени да и помогнеме на Македонија, како што секогаш и помагаме на нејзиниот европски пат. Сепак, овие процеси брзо ја одалечуваат земјата од евроинтеграциите. Со тоа ги загрижуваат Бугарија и Грција, бидејќи не можете да биде членка на НАТО и да сакате да станете членка на ЕУ и да излезете со слични позиции. Важно е Република Северна Македонија да се држи до својот европски пат, вели Радев     

Од Европската комисија пак, денеска со порака дека напредокот кон Унијата, зависи исклучиво од темпото со која секоја земја поединечно ги исполнува неопходните реформи. 

Напредокот на партнерски земји во усогласувањето со законодавството на ЕУ и исполнувањето на сите услови за зачленување се основата што го дефинира темпото на преговори, истакна портпаролката ЕК Ана Писонеро.

Реакциите од Бугарија и Грција следат по изјавата на премиерот Мицкоски, дека додека Преспанскиот договор е веќе завршена работа и тој е дел од уставниот поредок на Македонија, Договорот со Бугарија може да се репреговара, особено во делот на уставните измени. Сепак пораки дека ваков процес не е можен, покрај американската амбасадорка Агелер, вчера испрати и евроамбасадорот Гир.