Премиерот Мицкоски ќе учествува на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел
Имплементацијата на Планот за раст на Западниот Балкан, напорите за регионална интеграција, како и можностите за натамошно унапредување на постепената интеграција меѓу Европската Унија и регионот, ќе бидат главни теми на денешниот Самит ЕУ-Западен Балкан на кој ќе учествува и премиерот Христијан Мицкоски, придружуван од министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и за европски прашања Орхан Муртезани.
Утре, Мицкоски ќе учествува и на Самитот на Европската народна партија (ЕПП), кој ќе се одржи пред средбата на шефовите на држави или влади на членките на ЕУ.
Во пресрет на посетата на Брисел, премиерот Мицкоски во саботата изјави дека пораките кои доаѓаат од таму „не се баш така јасни“, но дека нашата порака е јасна оти ние доволно направивме како ниту една држава во ЕУ.
-Ние ќе продолжиме да промовираме европски вредности, ќе си ја вршиме домашната задача, ако се подготвени да најдеме конструктивно решение и да го продолжиме патот во ред, во секое време сме подготвени позитивно да одговориме на таквото барање, во спротивно можам да заклучам дека ние како држава, Балканот, за жал не сме во фокусот на оваа администрација на Брисел, изјави Мицкоски.
Според него, во Брисел има политичари кои „одлучија да бидат заложници на политичари кои се уште се со мислите во средниот век, наместо да гледаат кон 21 и 22 век“.
-Ние повеќе отстапки немаме намера да правиме додека сме Влада. Ако си најдат некоја друга Влада тогаш нека си ја донесат, нека прави. Ова Влада такви отстапки нема да прави затоа што не е аргументот - тоа е тоа, знаете 27 се тука. Тој аргумент не води таму каде што сме денес, дециден беше премиерот.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта порача дека мора да се работи на целосно исполнување на обврските на земјава, кои се предуслов таа формално да ги отвори пристапните преговори.
-Секако, неопходно е да се почитува она што Северна Македонија го оствари и мислам дека е многу важно да се постигне зајакнување на довербата меѓу Северна Македонија и нејзините соседи, особено Бугарија. Мора да работиме за да обезбедиме Северна Македонија целосно да ги исполни своите обврски, кои се предуслов формално да ги отвори преговорите. Имам голема почит кон напорите што Северна Македонија ги направи во минатото за надминување на пречките, особено со Грција. Тоа е земја кој дури го промени своето име за да ги надмине овие пречки, нагласи Кошта.
Предвидено е на Самитот, кој почнува доцна попладнево, да стане збор и за унапредување на интеграцијата на Западниот Балкан со ЕУ преку Планот за раст на регионот, продлабочување на соработката во повеќе области, вклучително и надворешната и безбедносната политика, изградбата на економска основа за заедничката иднината, ублажување на влијанието на руската агресија врз Украина, справувањето со миграцијата и борбата против корупцијата и организираниот криминал.
На работната вечера на Самитот, лидерите ќе разговараат и за геополитичкиот контекст и предизвиците што ги засегаат ЕУ и регионот на Западниот Балкан. Кошта, кој ќе претседава со Самитот, во поканата за собирот посочува дека „сегашниот геополитички контекст бара да се даде нов моментум на работата на ЕУ со земјите од регионот“.
Во однос на зајакнување на интеграцијата меѓу ЕУ и Западниот Балкан преку Планот за раст во најавата се наведува дека Унијата е посветена на приближување на партнерите од регионот кон блокот уште во текот на процесот на проширување.
-Нивната постепена интеграција веќе започна во различни области на политиката, подготвувајќи го теренот за пристапување и носејќи конкретни придобивки за граѓаните. Инициран во 2023 година, Планот за раст има за цел дополнително да ги интегрира партнерите од Западниот Балкан во единствениот пазар на ЕУ преку унапредување на регионалната економска соработка, како и да ги поттикне неопходните реформи поврзани со ЕУ, се наведува во најавата.
Според Унијата, Планот за раст има потенцијал да го удвои економскиот раст во регионот во текот на следната деценија и да ја забрза социо-економската конвергенција меѓу Западниот Балкан и ЕУ, под услов партнерите да ги спроведат реформите поврзани со нивниот европски пат што ги поставија во нивните соодветни реформски агенди.
Кога станува збор за политичкиот ангажман меѓу ЕУ и Западниот Балкан во повеќе области, Унијата има за цел дополнително да ја зајакне соработката со партнерите од регионот во сферата на надворешната и безбедносната политика, безбедност и одбрана, отпорноста на хибридни и кибер закани и спротивставувањето на странското мешање и дезинформации, како и да ги поттикне контактите меѓу луѓето, пред се младите, преку истражување, иновации, образование и социјална политика.
-ЕУ останува најблискиот партнер на регионот и негов главен инвеститор, трговски партнер и донатор. ЕУ ќе продолжи да ги поддржува своите партнери од Западниот Балкан во нивните напори за ублажување на влијанието што руската агресивна војна против Украина ја има врз нивните економии, општества и безбедност, се посочува во најавата.
Унијата нагласува дека ќе го продолжи својот ангажман со партнерите од Западниот Балкан преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА), економскиот и инвестицискиот план, како и пакетот мерки за енергетска поддршка.
Блокот посочува и дека ЕУ и Западниот Балкан имаат заедничка одговорност за справување со заедничките предизвици и во тој контекст треба да ја засилат својата соработка во справувањето со миграцијата, визната политика, борбата против тероризмот, насилниот екстремизам, организираниот криминал и корупцијата, како и зајакнување на правдата и владеење на правото
Предвидено е на крајот на Самитот да биде објавена Завршна-декларација во чиј предлог-текст, во кој МИА имаше увид, се посочува дека иднината на Западниот Балкан е во ЕУ и затоа уште еднаш се потврдуваме заедничката целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на регионот во Унијата.
-Како што е наведено во Декларацијата од Гранада, проширувањето е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот. Од нашиот последен самит има нова динамика во процесот на проширување и забележителен напредок. Забрзувањето на пристапниот процес, заснован на кредибилни реформи од страна на партнерите, правична и ригорозна условеност и принципот на индивидуални заслуги, е во наш заеднички интерес, се наведува во предлог-декларацијата.
Во текстот натаму се посочува дека помирувањето, инклузивната регионална соработка и добрососедските односи се сржта на Европската Унија, па затоа од суштинско значење е спроведувањето на меѓународните договори со добра волја и со видливи резултати, вклучително и на Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.
-Се уште се потребни решителни дополнителни напори за поттикнување на помирувањето и регионалната стабилност, како и за изнаоѓање и спроведување на дефинитивни, инклузивни и обврзувачки решенија за регионалните и билатералните спорови и прашањата вкоренети во наследството на партнерите од минатото, во согласност со меѓународното право и воспоставените принципи, вклучително и со Договорот за прашањата за сукцесија, како и за случаите на исчезнати лица и прашањата за воените злосторства, се вели во предлог текстот на „Бриселската декларација“ од Самитот ЕУ-Западен Балкан.
Ново на Сител
-
Просечната плата за една година зголемена за 2.300 денари, трошоците за живот за 15.000 денари
-
Тема на денот со Марија Андоновска, директорка на Институт за јавно здравје
-
Скопјани остануваат без вода: Како се подготвуваат граѓаните?
-
Мицкоски: Изненаден сум од Главчев дека ќе нема промена на позициите
-
ЗНАМ го достави текстот на Платформата за национално обединување до ВМРО-ДПМНЕ
-
Ќе ги исклучиме сите семафори во Скопје ако нема плата, рекоа вработени во Улици и патишта
-
Скопјани остануваат без вода: Како се подготвуваат граѓаните?
-
Кривична пријава за полицаецот кој го пропуштил Груби на граница