Свет
29. October 2024 - 12:13

Преглед на вестите од светот

Најмалку четири лица загинаа и уште четири се повредени во руските напади во текот на ноќта врз двата најголеми украински града Киев и Харков соопштија украинските власти рано утрово. 

Во Киев, паѓањето на остатоци од уништено руско беспилотно летало повреди четири лица и запали станбена зграда, изјави градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко. Покрај зградите имало и опожаерни автомобили. 

Единиците на воздушна одбрана на Украина се обидувале да го одбијат нападот со руски беспилотни летала врз градот, но нема информации за штета.

При нападот врз Харков во понеделникот уништен голем дел од зградата Держпром, една од најпознатите знаменитости на Харков, која датира од 1920-тите. Овој објект е еден од највпечатливите примери на архитектурата на конструктивизмот од советската ера и наречен првиот облакодер на Советскиот Сојуз.

Зградата Держпром, е ставена на листата на светско наследство на УНЕСКО, а беше завршена во 1928 година кога Харков беше главен град на советска Украина.

Израелската војска во понеделникот изврши воздушни напади во јужен Либан насочени кон целите на Хезболах. Како одговор, Хезболах истиот ден лансираше ракети кон Израел.

Пристанишниот град Тир во јужниот дел на Либан беше бомбардиран од израелската војска. Либанската национална новинска агенција објави дека израелски воени авиони нападнале зграда во населбата Ал Рамл во Тир, при што имало седум мртви и 17 ранети. Во дополнителните напади во областите Тир и Бинт Џбеил загинаа уште тројца, а четворица беа повредени. Спасувачките тимови продолжија со потрагата по преживеани во урнатините.

Мета на нападите биле магацини за оружје, воените структури и набљудувачките пунктови на Хезболах. Пограничните села во јужен Либан исто така беа погодени во израелските воздушни напади истиот ден.

Петнаесет лица загинаа, а 34 други се повредени.  Вкупната бројка на жртви надминува 60.

Хезболах, тврди дека лансирал ракети кон Израел во понеделникот, мета бил северниот израелски пристанишен град Хаифа и поморските бази.