Loading Video...
Свет
24. October 2024 - 12:49

Преглед на вестите од светот

Четири лица загинаа, а 14 други се ранети во нападот во седиштето на Турската воздушна индустрија во текот на вчерашниот ден во близина на Анкара. Министерот за внатрешни работи на Турција Али Јерликаја изјави дека двајца од напаѓачите се убиени, додека тројца од повредените се во критична состојба. Турскиот претседател Таип Ердоган, заедно со рускиот Владимир Путин на Самиот на БРИКС во рускиот град Казан, исто така, го нарече терористички напад.

Турција со проектили гаѓаше локации поврзани со курдската милитантна група Курдистанска работничка партија (ПКК) во северен Ирак и северна Сирија, соопшти турското Министерство за одбрана.

Размената на воздушни напади меѓу Хезболах и Израел пордолжува, во истиот период додека американскиот државен секретар Ентони Блинкен го обиколи регионот, притискајќи ги завојуваните страни за запирање на борбите и во Газа и во Либан.

Израелските напади ги погодија јужните предградија на Бејрут во текот на ноќта, додека Хезболах соопшти дека истрелал прецизно наведувани проектили за прв пат врз израелски цели.

Пламените јазици го разгиреа ноќното небо, многу брзо откако портпаролот на израелската војска издаде предупредувања за евакуација. Притоа беа забележани дури 14 напади само во ноќните часови и шест згради се оштетени.  Засега бројката на жртви во Либан изнесува 2.574 лица.

Кина и Индија треба заеднички да го следат патот на мирен соживот и развој, изјави кинескиот претседател Си Џинпинг на средбата со индискиот премиер Нарендра Моди, на маргините на самитот на БРИКС во Казан. Ова беа први билатерални разговори меѓу Моди и Си по судирот меѓу индиската и кинеската армија во пограничниот регион Ладах во 2020 година.

„Двете страни треба да преземат меѓународна одговорност, да дадат пример за земјите во развој за да можат да се обединат за самоподобрување и да придонесат за промоција на мултиполарен свет и демократизација на меѓународните односи“, рече Си во изјавата.

Индија и Кина имаат долгогодишен територијален спор за речиси 60,000 квадратни километри. Контролната линија, која ја заменува границата меѓу земјите во овој регион, се наоѓа во регионот Ладах, а во есента 1962 година овој спор се претвори во гранична војна.

Новата ескалација започна во мај 2020 година, кога се случија серија судири меѓу кинеската и индиската армија по што Њу Делхи и Пекинг го засилија своето воено присуство во регионот.