Loading Video...
Свет
23. October 2024 - 12:15

Преглед на вестите од светот

Израел потврди дека го убил Хашем Сафиедин, човекот кој требаше да го наследи водачот на Хезболах Хасан Насрала, кој претходно беше убиен во израелски напад.

Војската соопшти дека Сафиедин бил убиен во напад извршен пред три недели во јужните предградија на Бејрут, што е прва потврда за неговата смрт. Претходно овој месец, Израел рече дека тој најверојатно бил елиминиран.

Сафиедин презеде истакната улога говорејќи за Хезболах за време на последната година од непријателствата со Израел, обраќајќи се на погреби и други настани на кои Насрала долго време не можеше да присуствува од безбедносни причини.

Израелската потврда за смртта на Сафиедин дојде кога американскиот државен секретар Ентони Блинкен во вторникот го притисна израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да го искористи убиството на лидерот на Хамас Јахја Синвар со обезбедување на ослободување на заложниците од нападот на 7 октомври и завршување на војната во Газа.

Стејт департментот на САД го прогласи Сафиедин за терорист во 2017 година, а во јуни тој се закани со голема ескалација против Израел по убиството на друг командант на Хезболах.

Израел ги продолжува нападите врз Либан и пред се Бејрут, како во текот на ноќта така и во утринските часови. Израе досега не покажа знаци на попуштање во своите напади во Газа и во Либан дури и откако убија неколку лидери на Хамас и Хезболах. При нападите во вторникот беше погодена станбена зграда во близина на ценатрот на Бејрут, која се урна поради што повеќе жители во паника избегаа.

Повеќе од десет лица загинаа, а уште пет се водат како исчезнати по израелскиот воздушен напад, спасувачите продолжуваат да пребаруваат низ урнатините. Мета на нападите на израелската војска е областа Дахије во јужните предградија на Бејрут, во кои доминира Хезболах.

Напојувањето со струја беше делумно обновено во Куба во текот на вчерашниот ден, откако оваа островска држава повеќе од четири дена беше во „мрак“. Претходно фрустрирани граѓани во Хавана излегоа на улиците да го изразат своето незадоволство. Десетици жители скандираа „Сакаме светло“!. Невидениот колапс на електричната мрежа на Куба се случи во петокот.

Многу домаќинства доживеаја расипување на храната поради нефункционалните фрижидери, Дополнително, недостигот на струја го наруши снабдувањето со вода и гас, што дополнително ги отежна секојдневните услови за живот на многу жители. Владата предупреди дека и покрај напредокот, прекините на струја ќе продолжат.