Македонија
30. October 2015 - 19:08

Практична обука за процедури за вршење увид во сообраќајни несреќи

Покрај увид во регуларните сообраќајни несреќи кои најчесто се случуваат, програмата на обуката воедно опфаќа и процедури за увид во сообраќајни несреќи кои вклучуваат возила за пренос на опасни материјали, несреќи кои вклучуваат возила за придружба, студии на случај за фингирани сообраќајни несреќи и несреќи со бегство од местото на настанот, дигитална форензика, подготовка на извештаи за сообраќајни несреќи во согласност со најдобрите европски практики, како и практична вежба со реконструкција на сообраќајна несреќа. 

Во обуката беа вклучени 31 полицаец од Секторите за внатрешни работи од Скопје, Битола, Тетово, Штип, Охрид, Велес, Струмица и Куманово, и од Секторот за сообраќајни работи и од Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења.

Обуката за Процедури за вршење увид во сообраќајни несреќи ќе придонесе кон унапредување на Стандардните оперативни процедури и ќе ја подобри работата на тимовите за увид во сообраќајни несреќи. Воедно ќе ги зајакне капацитетите на сообраќајните форензичари во утврдувањето на причинско-последичните врски при сообраќајни несреќи. Соработката и комуникацијата помеѓу Одделот за вештачење и Секторот за сообраќајни работи исто така ќе бидат зајакнати.

Оваа обука е прва во серијата обуки предвидени во рамките на овој проект кои ќе се спроведуваат во текот на 2016 година, а кои ќе ги опфатат скоро сите сектори на Бирото за јавна безбедност. Инаку, проектот финансиран од ЕУ „Понатамошна институционална надградба и градење на капацитетите на полицијата во областа на граничното управување, работата на полицијата со заедницата и борбата против организираниот криминал“ обезбедува стратешка поддршка на Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност со цел зголемување на оперативната ефикасност на Граничната полиција, зајакнување на капацитетите на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал за безбедно и ефикасно управување со класифицирани информации и борба против организираниот криминал, вклучувајќи го и финансискиот и комјутерскиот криминал, развивање на вештините на униформираните полицајци за ефикасно и ефективно работење, како и развој на анти-коруптивни стандарди во рамките на различните полициски гранки во Министерството за внатрешни работи.