Македонија
6. October 2025 - 16:31

Фон дер Лајен на 15 октомври во Скопје

Шефицата на европската комисија Урсула фон дер Лајен следната среда пристигнува во Скопје. Иако агендата не се соопштува, ќе се сретне со целиот државниот врв. Посетата доаѓа во време кога македонската влада најави дека по завршувањето на изборите и стартот на новата година ќе се интезивира дијалогот со официјална Софија.

Во пресрет на доаѓањето на Фон Дер Лајен, австриската министерка за Европа која е во официјална посета на Македонија потврди дека заедно со Словенија, Германија и Италија иницираат промена во процесот на одлучувањето за  пристапување  на земјите кандидатки – едногласноста да се замени со квалификувано мнозинство за техничките прашања во преговорите.

Австрија смета дека билатералните прашања треба да се дискутираат и решаваат билатерално, а кога станува збор за проширувањето членките треба да зборуваат во еден глас.Заедно со Словенија стојат на располагање за посредување во дијалогот меѓу Скопје и Софија.

И словенечката државна секретарка во Министерството за надворешни и европски прашања кој е во посета на Скопје, порача дека процесот на проширување мора да се забрза, а поддршката за Македонија продолжува.

„Словенија и Германија неодамна предложија гласање со квалификувано мнозинство за технички прашања поврзани со проширувањето и сакаме да ги видиме земјите од Западен Балкан, но и другите од Истокот што е можно побрзо да напредуваат, ова е наш придонес. Кога Словенија се приклучуваше процесот беше полесен, со помалку Аки (усогласување со европското законодавство), сега е потежок во однос на усогласувањето со закодавството на ЕУ. Унијата сега е посилна со поконкретизирани закони“, вели Грашич.

По ваквиот предлог, македонската влада останува на ставот дека потребна е промена на методологијата за проширување за да се спречи билатерализација на процесот.

Опозицијата пак обвинува дека државата не прави ниту чекор напред кон ЕУ, повикува на национално обединување по поднесената декларација со црвени линии, која васта веќе ја одби.

На потег сега е европската комисија која треба да донесе конечна одлука. Иницијативата за поедноставување на процесот на носење одлуки, која е поддржана од 16 членки, но на неодамнешниот самит во Копенхаген наишла на голем отпор од Унгарија, Франција, Холандија и Грција.