Потерници за Груби и Бајрами на сајтот на МВР
Сликите на Артан Груби и Перпарим Бајрами од утрово може да се најдат на сајтот на МВР. И двајцата се бараат со меѓународна потерница под сомнение за криминал во Државна Лотарија тежок 8 милиони евра. Судија на претходна постапка во текот на вчерашниот ден им одреди притвор што значи дека ако се вратат прва станица во земјава за нив ќе биде истражниот затвор во Шутка.
Груби последен пат се јави на социјалните мрежи вечерта пред да биде извршен претрес во неговиот дом. Самиот кажа дека заминал во Косово и дека ќе се врати во Македонија. Оттогаш од него нема ни трага ни глас. Сител се обиде да стапи во контакт со него, но тој не одговори на нашите пораки.
Според веќе објавените информации преку граница со дипломатско возило го пренел Арсим Папранику, почесен конзул на Косово во Македонија. Тој утрово беше повикан на разговор во полициска станица но до овој момент нема информации дали МВР ќе води постапка против него.
Во Косово е и Бајрами, барем така тврди неговиот адвокат Антонио Апостолски кој ќе го застапува во овој случај. Тој вели дека Бајрами не побегнал од земјава и дека подолг период живее во Косово.
МВР бара кривична одговорност и од екс премиерот Ковачевски но Обвинителството до овој момент за него нема отворено истрага. Ковачевски денеска беше во Собранието. Во писмена изјава вели дека не располага со информации и дека очекува истрагата да ги расчисти сомнежите.
- До сега не сум контактиран од институциите. Во текот на моето работење и како Премиер и како заменик министер за финансии секогаш сум се придржувал до законите и прописите. Се надевам дека институциите на професионален и непристрасен начин ќе ја водат целата постапка. Во текот на моето работење како Премиер на ниту еден начин немам учествувано во работењето на јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост. Владата работи и одлучува како колективно тело – вели Ковачевски во својата писмена изјава.
За случајот Лотарија Обвинителството до овој момент сомничи вкупно 6 лица. Покрај Груби и Бајрами кои официјално се во бегство, уште 4 лица останаа без своите пасоши но крајот на истрагата ќе го чекаат на слобода.
-
Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар