Поради штрајкот на француските контролори на летање откажани повеќе од 1.500 летови
Поради штрајкот на француските контролори на летање денеска и утре откажани се повеќе од 1.500 летови, што влијае на речиси 300.000 патници, се наведува во соопштението на европската организацијата на авиопревозници „Ерлајнс фор Јуроп“ (Airlines for Europe – A4E), меѓу кои и „Ер Франс – Ка-ел-ем“ (Air France – KLM) „Луфтханза“ (Lufthansa), „изиЏет“ (easyJet) и „Рајанер“ (Ryanair).
А4Е го осудува штрајкот на француските контролори на летање што се одржува денеска и утре.
– Десетици илјади патници во Франција и низ цела Европа ги пропуштаат своите летни одмори бидејќи француските контролори на летање штрајкуваат за време на еден од најпрометните периоди на патување, во лето, се посочува во соопштението на А4Е
Вршителот на должност министер за транспорт на Франција, Филип Табаро, изјави дека барањата на синдикатите на контролорите на летање, се неприфатливи.
По инцидентот на аеродромот во Бордо кон крајот на 2022 година, кога два авиона речиси се судрија, во моментов е во тек реформа за воведување систем за евидентирање на работното време на контролорите на летање.
Вториот најголем Синдикат на воздухопловни инженери (UNSA – ICNA), кој претставува 17 проценти од работниците во секторот, повика на штрајк денеска и утре во знак на протест против реформата. Синдикатот, исто така, го осуди „постојаниот недостиг на персонал, што предизвикува доцнења во текот на летото“, застарената опрема и „токсичното управување, што е некомпатибилно со барањата за безбедност и сигурност“.
Третиот најголем синдикат УСАЦ-ЦГТ, кој претставува 16 проценти од работниците, исто така се приклучи на штрајкот.
Националниот синдикат на контролори на летање (SNCTA), најголемиот во секторот, кој претставува 60 проценти од работниците, соопшти дека не повикува на штрајк.
Ново на Сител
-
Протест на земјоделците во Брисел со барање за „силен“ буџет за земјоделството
-
Кубилиус: Историските спорови не треба да се решаваат со блокирање на кандидатите за членство во ЕУ
-
Фон дер Лајен: ЕУ ќе им овозможи на кандидатите за членство целосен пристап до средства од инструментот „Глобална Европа“
-
Лишена од слобода лекарка од Битола заради примање поткуп
-
Божиновска за ветерниот парк кај Штип: Силен сигнал за стабилни инвестиции и зелена транзиција
-
Медиуми: Франција и Италија одбиваат да купуваат американско оружје за Украина преку НАТО
-
ОЈО Битола постапува во случајот со примање поткуп во Болницата во Битола, повеќе детали се најавуваат за утре
-
Пожар од прскалка на роденденска забава во Свети Николе