Свет
16. July 2025 - 20:00

Фон дер Лајен: ЕУ ќе им овозможи на кандидатите за членство целосен пристап до средства од инструментот „Глобална Европа“

Проширувањето е клучен приоритет на ЕУ и тоа не е само политичка цел, туку и стратешка инвестиција во стабилноста и просперитетот на Европа, па затоа Унијата ќе им овозможи на земјите кандидати за членство пристап до целиот сет алатки на инструментот „Глобална Европа“, најави попладнево претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. 

- Тие средства не се само за техничка помош, туку и за поддршка на реформите и за инвестиции, изјави Фон дер Лајен на прес-конференцијата на која го презентираше предлогот на Повеќегодишната финансиска рамка (МФФ) на ЕУ за периодот од 2028 до 2034 година, во вкупна вредност од 2.000 милијарди евра. 

Фон Дер Лајен нагласи дека со Рамката за инструментот „Глобална Европа“ се предлагаат 200 милијарди евра, што претставува зголемување за 75 отсто, кои ќе бидат искористени за поддршка на проширувањето, за хуманитарна помош и за зајакнување на стратешките партнерства на ЕУ на глобалната сцена.  

Претседателката на ЕК додаде дека во случај на прием во ЕУ на некоја од земјите кандидати за членство за време на оваа Буџетска рамка, постои клаузула за ревизија на Мултифункционалниот финансиско-регионален план (МФП) за нејзина имплементација, што ќе биде регулирано со договорот за пристапување. 

- Значи, со пристапувањето доаѓа и ревизија на МФП. Тоа функционираше при минатите пристапувања, а ќе функционира и сега, додаде Фон дер Лајен. 

Таа најави и дека со Рамката се предвидени и 100 милијарди евра за Механизмот за Украина, наменети за закрепнување и зајакнување на отпорноста на земјата и за поддршка на нејзиниот пат кон членство во ЕУ.  

Говорејќи општо за Буџетската рамка, Фон дер Лајен нагласи дека таа содржи 2.000 милијарди евра за нова ера на Европа, кои ќе и овозможат да ги оствари амбициите, да се соочи со предизвиците и да ја зајакне својата независност.  

- Ова е Буџет што е поголем, попаметен и појасен. Ова е Буџет што им служи на нашите граѓани, на нашиот бизнис, на нашите партнери и на нашата иднина, додаде Фон дер Лајен. 

Според неа, Рамката е насочена кон инвестирање во луѓето, земјите членки и европските региони, за што се предвидени 865 милијарди евра за инвестиции, реформи и реализација на кохезивната и земјоделската политика. Во овие рамки ќе се воспостави и инструментот „Катализатор Европа“, вреден 150 милијарди евра, наменети за позајмици за реализација на заеднички европски проекти, како на пример во одбранбената индустрија, енергетската инфраструктура или стратешките технологии.  

Фон дер Лајен најави и дека со Буџетот се зголемуваат средствата за програмата Еразмус+ за 50 отсто, наменети за поддршка граѓанското општество, младите, животната средина, слободата на медиумите, вредностите, граѓанските права, демократијата и разновидноста.  

Со Рамката се предвидува и создавање Европски фонд за конкурентност, вреден речиси 410 милијарди евра, наменети за поддршка на стратешките технологии, инвестиции во дигиталниот сектор и чистата технологија.  

Претседателката на ЕК додаде и дека се предлагаат 131 милијарда евра за проекти од одбраната и Вселената, како и посебни средства за транспортната и енергетската инфраструктура и за кибер безбедноста. 

- Станува збор за европската одбрана, европската поврзаност и за европска подготвеност, истакна Фон дер Лајен, додавајќи дека со Буџетот се предвидени и 400 милијарди евра за зајакнување на отпорноста и за механизмите за реакции во кризни ситуации. 

Фон дер Лајен нагласи дека за реализација на сите овие проекти, Комисијата предлага нови извори на приходи за буџетот на ЕУ, преку заедничко задолжување, со цел да се обезбеди закрепнување и остварување на приоритетите.  

- Сакаме да ги задржиме националните придонеси непроменети. Овој Буџет го штити фискалниот капацитет на земјите членки. Со овие нови сопствени ресурси, ЕУ го намалува товарот врз националните буџети и на тој начин ја усогласува амбицијата со одговорноста, рече Фон дер Лајен. 

Таа додаде дека ова е Буџет за реалноста на денешницата, како и за предизвиците на утрешнината, што ќе и овозможи на ЕУ да дејствуваме врз основа на своите политички избори во денешниот брзодвижечки свет.  

- Сакаме поголема флексибилност. Не треба се да се одлучува еднаш во седум години. Поголемата флексибилност значи повеќе простор за годишно буџетско одлучување, каде што Парламентот и Советот играат витална улога, заклучи Фон дер Лајен. 

Сега Повеќегодишната финансиска рамка (МФФ) на ЕУ за периодот од 2028 до 2034 ќе бидат доставена до Европскиот парламент и до земјите членки, кои ќе треба да усогласат свои ставови по однос на предлогот, по што ќе започне процесот на меѓуинституционални преговори за утврдување на конечната верзија на идниот седумгодишен буџет на Унијата.

МИА