Македонија
13. November 2024 - 16:34

Поднесени над 300 амандмани за буџетот, утре стартува собраниската дебата

Со над 300 амандмани опозициските партии утре ќе го напаѓаат буџетот за следната година. Ден пред стартот на собраниската расправа, лидерот на СДСМ оцени дека тој е нереален, неразвоен и недомаќински. Се крати од образование и здравство, се запоставуваат малите и средни компании на сметка на странските инвестиции, а единстевни капитални проекти се коридорите 8 и 10 кои ги стартуваше СДСМ. Со нереален раст на БДП од 3,7% и противзаконски дефицит од 4%, опозицијата оценува дека власта ќе ги задолжи следните три поколенија.

- СДСМ нема да даде поддршка за овој буџет и затоа поднесовме над 200 амандмани. Нашите амандмани не се само бројка. Тие се инструмент преку кој бараме вистински промени кои директно ќе влијаат на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Воведуваме зголемување на платите за вработените во јавниот сектор, почнувајќи од образованието и здравството, што ќе ја подигне мотивацијата на работниците и ќе овозможи поквалитетни услуги за сите“,- изјави Венко Филипче.

Критики не штедеа ниту од ДУИ. Од партијата на Ахмети оценуваат дека буџетот е уште еден доказ дека оваа Влада нема етнички легитимитет, бидејќи ги дискриминира албанските општини. 

- Децентрализација. Обезбедени се 6 милијарди денари за инфраструктурни проекти за општините кои се поделени, но треба да се напомене дека сега тоа се планира да се направи, не по клучот за еднаков регионален развој како досега и исклучување на дијаспората како критериум во распределба на средства. Како резултат на тоа општините со албанско нселение не само што ќе имаат помалку членови во општинските совети, туку и помалку финансиски средства за економски развој распределени од владата на Република Северна Македонија,- вели Фатон Ахмети, генерален секретар на ДУИ.

Според проекциите на Владата, буџетот за следната година ќе тежи рекордни 6,5 милијадри евра, од кои државата ќе собере 5,8 милијарди. Дефицитот од близу 700 милиони евра ќе се покрива со заеми. Дебатата во собраниската комисија која стартува утре може да трае најмногу 7 дена по што ќе оди и на пленарна седница.