Македонија
3. August 2020 - 12:59

По десет дена во болница Џафери утре ќе ја води конститутивната седница под строги здравствени протоколи

По три последователни негативни тестови за КОВИД19 и 10 дена поминати на Инфективната клиника Талат Џафери се чувствува добро и утре ќе претседава со конститутивната седница на македонското Собрание. Како што информираа од неговиот кабинет, тој утрово, ден пред закажаната седница ја напуштил болницата а за медиумите изјавил дека е извесно дека тој ќе седи на најголемото столче во законодавниот дом.

„ Се чувствувам добро и мислам дека веќе е извесно дека јас ќе претседавам со конститутивната седница утре“ -  изјави Џафери.

Десеттиот парламентарен состав утре за прв пат ќе се конституира во големата купола на Собранието. Поради пандемијата на КОВИД19, седницата ќе биде организирана со почитување на протоколите усогласени со Комисијата за заразни болести. 

„ На пратениците, на гостите и на претставниците на медиумите при влезот во зградата на Собранието ќе им биде мерена телесна температура, по што ќе им биде овозможено да влезат во зградата. На сите влезови ќе бидат обезбедени средства за дезинфекција.

Пратениците ќе бидат на соодветна дистанца и ќе им биде обезбедена заштитна опрема.

Гласањето на седницата ќе се одвива рачно, со картончиња, а од седницата ќе има директен пренос на Собранискиот канал“ – велат од Собранието

На седницата покрај Претседателот Пендаровски поканети се и сите членови на актуелната Влада, сите поранешни претседатели на државата, актуелните претседатели на Уставниот и врховниот суд, како и сите први луѓе на правосудните органи. 

Покрај нив, столче ќе се чува и за началникот на Генералштабот на АРМ, Гувернерот на Народната банка, првиот човек на МАНУ и Претседателот на ДИК. Поканети се и верските лидери а место ќе има и за амбасадорите. 

Иако не се кандидираше за пратеник, седницата ќе може да ја следи и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски бидејќи собранискиот протокол на оваа конститутивна седница направил место и за лидерите на политичките партии. 

Она што е интересно е дека за сите поканети гости нема да има место во Големата купола на Собрнаието каде што ќе биде новите пратеници, туку тие, седницата ќе ја следат преку видео врска во пленарната сала „Македонија“, онаму каде што обично се наоѓаат пратениците. 

Посебни протоколи ќе има и за новинарите чии број ќе биде редуциран и не може да надмине 50 лица, а снимањето на седницата ќе биде овозможено само за јавниот сервис. 

„ Во текот на денот, во сите простории каде што има активности, по нивното завршување ќе се прави дезинфекција.  

Во согласност со препораките на Комисијата за заразни болести и за претставниците на медиумите ќе важат одредени протоколи за следење на Конститутивната седница, со цел да се намали ризикот од ширење на коронавирусот.

За да се избегне поголемо групирање, Конститутивната седница ќе може да ја следат најмногу по двајца претставници од секој медиум“ – се вели во соопштението на Собранието.

Од утре и официјално почнува да тече рокот од 10 дена во кој Претседателот Пендаровски е должен мандатот за состав на нова Влада да му го довери на кандидатот на коалицијата која ќе обезбеди мнозинство од 61 пратеник. Пендаровски веќе најави дека не планира да го додели мандатот доколку претходно не добие гаранции дека некоја од партиите обезбедила апсолутно мнозинство во законодавниот дом.

Оној кој ќе го добие мандатот има рок од 20 дена да ја состави Владата по што предлогот треба да му го достави на Собранието. Тогаш почнува да тече рок од 15 дена во кој новиот собраински спикер ќе биде должен да закаже седница за избор на Влада која не може да трае подолго од 48 часа. 

За Владата ќе се гласа на истекот на вториот ден на полноќ, доколку претходно не се исцрпи списокот со пратеници пријавени за дискусија. 

Доколку било која од партиите успее да формира мнозинство и се реши до крај да ги потроши сите рокови, тогаш новата Влада би била избрана некаде на 20 септември.

Во пресрет на утрешната седница СДСМ стартува со 2 пратеници предност откако на изборите освои 46 мандати од кои 5 се на БЕСА, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ 44. 

ДУИ може да се надева на 15 гласа од своите пратеници, Алијансата и Алтернатива имаат 12 столчиња, 2 пратеници има Левица и еден ДПА.

 

Александар Спасовски