Македонија
7. January 2026 - 16:29

Се додели орденот за Носител на мир, како и плакети за пријатели на децата

Под мотото „Едно небо за сите деца“ и годинава по 20-ти јубилеен пат Детската Амбасада за Сите Деца во Светот го организираше Божикниот ручек за над 500 дечиња од различни социјални категории кои дојдоа во Прилеп од цела Македонија, за да го прославата Христовото раѓање.

Пораката на оваа манифестација е децата да се почитуваат помеѓу себе, да нема дискриминација и насилна комуникација, да преовладува толеранцијата и сите ние заеднички да придонесуваме кон градење на нашето општество.

„Среќни сме како што можете да видите, еуфоријата расте и сакам да упатам честитка на македонската јавност за мир и благосостојба, Христос се роди“, рече Александра Северкоска Стојаноски, извршна директорка на Детската Амбасада за Сите Деца во Светот.

Настанот секоја година е поддржан од Општина Прилеп и од Македонската православна црква од каде Епископот Велички Никола, истакна дека ние како возрасни треба да побараме прошка од децата за тоа што сме создале свет кој не е подобен за нив и тоа треба што побрзо да се корегира.

„Да правиме секој од нас, најпрво преку личното преобразување да придонесеме овој свет кој ќе го оставиме на овие идни генерации навистина да биде подобар, со помалку зло, со поголемо богољубие и човекољубие“, потенцираше Епископот Велички Никола.

„Се надевам дека ваквата детска радост ќе ја одбележи оваа 2026 година и во име на Христовото раѓање и во Македонија би се случувале се повеќе и повеќе раѓања, за да може оваа традиција да се пренесе на овие генерации, за да може да се одржува низ вековите кои доаѓаат“, додаде Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.

Дечињата присутни на настанот истакнаа дека нивните желби се да има еднаквост, љубов и толеранција помеѓу сите.

„Сите деца да бидат прифатени, да бидат со исти права, им посакувам на сите љубов и среќа“, рече едно од децата.

„Ниту едно дете да не биде отфрлено од другите, сите да имаат исти права и среќен Божиќ на сите“, додаде друго дете учесник на Божикниот ручек.

„Целта на овој божижен ручек е Исусовото раѓање, Христос се роди, навистина се роди! Многу сум среќна и задоволна што учествувам на овој ручек“, истакна неговото другарче.

И оваа година се додели Орденот за носител на мирот, како и Плакети за пријатели на децата.