Македонија
7. January 2026 - 16:29

Мицкоски: Бугарија бара редефинирање на македонскиот идентитет, да се обединиме со опозицијата против тоа

Комплетно редефинирање на македонскиот идентитет е она што, според премиерот Мицкоски, вистински го бара официјална Софија, а доказ за тоа е и последната реакција во која, наместо македонски јазик, се користи терминот „достапен“ јазик во Македонија.

Токму затоа, во духот на Божик, тој ја повика опозицијата за да се изгради цврст национален став по ова прашање, и покрај тоа што претходната власт прифатила решение кое комплетно го блокира членството на државата во Европската Унија.

Реториката меѓу Скопје и Софија се заостри откако Мицкоски обзнани дека Бугарија го одбила и Акцискиот план за малцински права, кој е дел од разговорите со Брисел, само затоа што бил напишан на македонски јазик.

На ова, бугарското Министерство за надворешни работи излезе со реакција дека документот не е дел од спорот меѓу Македонија и Бугарија и дека не е важен јазикот на кој е напишан.

Сепак, во таа реакција, бугарските власти наместо терминот „македонски јазик“ го користеа изразот „достапен јазик за граѓаните на Северна Македонија“. Македонското МНР ваквата реакција ја оцени како неаргументирана и спротивна на европските вредности.

Потоа, обвинувања на оваа тема си разменија и политичките партии. Од СДСМ велат дека власта намерно ги кочи евроинтеграциите, повторно отворајќи го прашањето за македонскиот јазик, кое, според нив, веќе било решено.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, возвратија дека среќа е што опозицијата не е на власт, бидејќи, како што велат, Македонија ќе влезела во ЕУ како бугарско малцинство.