Свет
22. April 2025 - 16:31

Папата Франциск ќе биде погребан во сабота во базиликата Санта Марија Маџоре

Римокатоличкиот поглавар почина од мозочен удар по кој паднал во кома а срцето запрело да откуцува. Ватикан го објави лекарскиот извештај на докторот Андреа Аркангели кој утврдил дека 88-годишниот понтиф паднал во кома пред неговата смрт вчера рано утрината во својот апртман во Ватикан. Папата во два наврати се бореше со тешка пневмонија а од болница излезе пред околу еден месец.

Светата столица објави видео од телото на Франциск во отворен ковџек а по негова желба телото ќе биде така изложено меѓу верниците во следните три дена. Папата во 2022 остави тестамент во кој побарал да биде погребан во храмот на  Пресвета Богородица и во едноставен дрвен ковџег, нетипично за традицијата на папските погребенија. Чувствувајќи дека се наближува до залезот на својот животен пат на земјата, Франциск напишал:

„Во текот на мојот живот и мојата свештеничка и епископска служба, секогаш и се доверував на Мајката на нашиот Господ, Пресвета Марија. Затоа, молам моите смртни останки да почиваат, во исчекување на денот на Воскресението, во Папската базилика Санта Марија Маџоре. Гробницата треба да биде во земјата; едноставно, без посебна декорација, само со натпис: Франциск.“

Церемонијата за погребување ќе се одржи во сабота во 10 часот. До сега од светските лидери присуство потврдија Доналд Трамп, Емануел Макрон, Володимир Зеленски, аргентинскиот претседател Хавиер Милеј.

Во сите земји католиците, политичките лидери и светски познати личности палат свеќи во катедралите и оддаваат почит за еден од најомилените римокатолички поглавари.

Сочувство за упокојувањето до Светата столица испрати поглаварот на МПЦ ОА.

„Неговата Светост, папата Франциск, во историјата на македонскиот народ ќе остане запаметен како единствен папа кој посака и ја посети Република Македонија. Го молиме Бога, Кој владее над живите и мртвите, да го упокои папата Франциск и да направи споменот да му биде вечен.“ наведува поглаварот на МПЦ-ОА.

И државниот врв упати пораки со почит и сочувство. Со фотографија од последната аудиенција по повод св. Кирил и Методија кај Папата, претседателката на државата напиша

„Како народен папа, му го честиташе на христијанското семејство Христовото воскресение и утринава мирно си замина во вечноста. Јас пак, по четириесетината минути незаборавен разговор, ќе го помнам по исклучителниот ум, мудрост, топлина и едноставност“, напиша претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на социјалните мрежи.

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Неговата Светост, папата Франциско, бил духовен водач кој зад себе остава неизмерно хуман, чесен и посветен траг во историјата на современиот свет.

„Беше глас на совеста во време на глобални предизвици и неизмерен пример за човечност и морална храброст“, вели премиерот.

Со поглаварот на римокатоличката црква  се прости и Собранискиот спикер Африм Гаши кој порача дека заминувањето од овоземнскиот свет на Папата е длабока загуба за целото човештво.

Ватиканската служба денеска ја запечати апостолската резиденција. Инаку Папата важеше за еден од најразличните поглавари на римокатоличката црква кој покажа поинакви ставови и живееше скромне живот, за разлика од сите претходни тој престојуваше во мал апартман во гостинската куќа во Ватикан. Ќе следуваат девет денови на жалост, а Конклавата ќе се одржи во рок од најмногу 20 дена.

Тогаш кардиналите ќе се затворат во Сикстинската капела од каде нема да излезат сè додека име на еден кардинал не добие две третини од гласовите, а изборот на нов Папа ќе биде објавен со бел чад.

Последно збогум беше за Велигден кога пред илјадниците верници на плоштадот Св. Петар во Ватикан излезе од балконот честитајќи им го најголемиот празник Христовото Воскресение.