Loading Video...
Свет
28. August 2025 - 16:33

Преглед на вестите од светот

Во рускиот ракетен напад врз Киев загинаа најмалку 17 лица од кои 4 деца. Повеќе од стотици граѓани се повредени. Утре во Киев ќе биде ден на жалост. Властите оценија дека ова е еден од најголемите напади врз главниот град во изминатите месеци. Првиот бран експлозии бил околу 3 часот по полноќ, а воздушниот напад траел се до изгрејсонце. Спасувачките екипи се уште извлекуваат цивили од урнатините на станбените згради.

„Го слушнав звукот од ударот додека спиев, а потоа ја видов рамката на прозорецот како паѓа кон мене.“

 Повеќе од 20 локации каде претежно живее цивилно население се погодени. 

- „ Овие руски ракети и беспилотни летала за напад денес се јасен одговор на сите во светот кои, со недели и месеци, повикуваат на прекин на огнот и на вистинска дипломатија. Русија избира балистика наместо преговарачка маса. Таа избира да продолжи да убива наместо да ја прекине војната. А тоа значи дека Русија сè уште не се плаши од последиците. Русија сè уште го користи фактот дека барем дел од светот се прави слепи за убиените деца и бара изговори за Путин.Очекуваме реакција од Кина на она што се случува. “ порача Зеленски на мрежата Икс. 

Меѓу загинатите има и две годишно дете. За време на нападот руските сили погодија и дипломатски претставништва, оштетена е зградата на мисијата на ЕУ во Киев. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави нови санкции против Русија. 

- „Огорчена сум од нападот врз Киев, кој ги погоди и нашите канцеларии во ЕУ. Ова беше најсмртоносниот напад со беспилотни летала и ракети врз главниот град од јули. И како што можете да видите зад мене на екранот, тоа беше напад и врз нашата делегација. Разговарав со нашиот заменик-амбасадор и ми олесна што никој од нашите вработени не беше повреден. Ова е уште еден мрачен потсетник за тоа што се случува. Ова покажува дека Кремљ нема да запре да ја тероризира Украина, слепо убивајќи цивили: мажи, жени и деца, па дури и таргетирајќи кон Европската Унија.“

„Наскоро ќе излеземе со нашиот 19-ти пакет жестоки санкции. И паралелно, ја унапредуваме работата на руските замрзнати средства за да придонесеме за одбраната и обновата на Украина.“

„Всушност, сите се согласуваме дека притисокот врз Русија мора да се зголеми. Претседателот Трамп вложи значителни дипломатски напори, кои сè уште не се доволно признати од страна на рускиот претседател. Затоа претпоставувам дека Соединетите Американски Држави сериозно ќе разгледаат дополнителни санкции, вклучително и оние што ги спомнавте (секундарни санкции кон партнерските земји на Русија), и можам само да кажам во име на Европа дека сме многу решени да продолжиме да водиме јасна политика на ова поле и, како што веќе објасни Маргус, се подготвува 19-тиот пакет и Германија ќе учествува во тоа.“

Кремљ соопшти дека сè уште се заинтересирани за продолжување на мировните преговори за Украина и најави дека ќе продолжи со специјалната воена операција. 

„Специјалната воена операција продолжува. Во исто време, Русија го задржува својот интерес за продолжување на преговарачкиот процес со цел да се постигнат целите со кои се соочуваме преку политички и дипломатски средства. Руските вооружени сили, исто така, ги исполнуваат своите задачи; тие продолжуваат да напаѓаат воени и паравоени инфраструктурни објекти. Нападите се успешни, целите се уништуваат

Украинската војска соопшти дека денеска низ земјата биле соборени 563 од речиси 600 лансирани дронови. 

Најмалку 16 Палестинци беа убиени денес во израелските напади низ Појасот Газа, додека десетици луѓе беа ранети. Во соопштение на палестинското министерство за здравство се вели дека уште 4 лица меѓу кои и деца починале од глад. Од почетокот на војната бројот на смртни случаи од неухранетост порасна на 317 лица од кои една третина се деца.  

Израел ги негира овие податоци и побара од глобалната организација да ја повлече проценката за лице кои настрадале од глас. Во меѓувреме израелската војска соопшти дека се подготвува за инвазија на Газа. 

По синоќешните судири меѓу демонстрантите и полицијата, ситуацијата утрово пред Филозофскиот факултет во Нови Сад е мирна. Полицијата и понатаму го обезбедува објектот, а видливи се траги од нередите. Синоќа беа приведени две лица поради напад врз полицајци. На двајцата им е одреден притвор до 48 часа и ќе се соочат со кривични пријави. Полицијата продолжува со истрага за идентификување на останатите напаѓачи.

Филозофски факултет беше прв во градот што студентите го блокираа во декември минатата година, а потоа следеа блокади и на другите високообразовни установи. Протестите почнаа по несреќата во градот во која при уривање на настрешница на железничката станица загинаа 16 лица.