Македонија
26. September 2023 - 16:33

Општините прибираат се помалку пари

Општините прибираат се помалку пари, а „дупката“ се прикрива од државниот буџет. Градоначалниците не сакаат да ги наплатат сопствените приходи и поради тоа главен приход им се дотациите од Владата. Државната ревизија објави извештај спроведен од седум ревизорски институции од ЕУ кој покажува дека локалните самоуправи не знаат како да ги зголемат парите кои ги собираат од услугите што ги даваат.

Државата ги покрила „дупките“ во општините бидејќи за време на пандемијата ги намалиле своите приходи. Најголем дел од средставата во општинските буџети доаѓаат од Владата. Седум ревизорски институции од ЕУ спроведоа прва кооперативна ревизија на успешност која покажува дека општините се уште не знаат како да ги зголемат сопствените приходи.

-Не секогаш општините во услови на пандемија или во услови на криза се доволно подготвени да се справат со тоа и според истражувањето на оценка од 1 до 5 добивме оценка дека степенот на задоволство од испорачаните услуги изнесува 2,7, а тоа е средна оценка, вели Главниот државен ревизор, Максим Ацевски.

Министерот за локална самоуправа вели дека главниот проблем е популизмот кај функционерите.

-Кај општините, кај градоначалниците не постои волја да ги наплатат сопствените приходи, да ги фактурираат сопствените услуги, да ги препознаат точките кадешто бесплатно се користи општински имот или јавна површина. Што доведува до тоа да во грото од општините 50 до 80% од приходите им се дотациите од Владата, вели Пенов.

Експертите предупредуваат дека општините немаат јасна стратегија како ги трошат парите. Наместо средствата да се инвестираат за тоа што се предвидени, тие се прераспределуваат на различни страни.

-Еден од главните приходи кој зафаќа просечно 10 до 12% во Буџетите на сите општини, како сопствен приход, се собраната такса за јавно осветлување. Оваа такса е надомест за услуга, таа треба да оди за јавно осветлување, не треба да оди за платите во администрацијата. Истото е со уредувањето на градежно земјиште од кое се финансираат најголем дел од општините. Тоа е „fee“ кое се користи за вие да создадете услови, инфраструктура, градинки, да создадете нови услови за инфраструктура за кои е платена таа такса, не да се користи за било кој начин, вели професорот Борче Треневски.

Дополнителен проблем е што поради популистичко однесување на градоначалниците и општинските власти, дел од општините не ги промениле цените на своите услуги уште од минатиот век. Тоа дополнително доведува до незадоволство кај граѓаните и компаниите бидејќи услугата е лоша и тешко дека ќе се подобри.