На Санторини смирена ситуацијата со земјотресите, Мицотакис порачува дека Грција е безбедна земја
– Најверојатното сценарио за сеизмичката активност во морскиот дел меѓу Санторини и Аморгос, според претседателот на Организацијата за антисеизмичко планирање и заштита на Грција (ОАСП) Ефтимиос Лекас е постепена деескалација на појавата, додека во изминатите два дена не беше регистриран поголем земјотрес, а грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис порача дека Грција е безбедна земја, јави дописничката на МИА од Атина.
Според податоците од Интердисциплинарен комитет за управување со опасности и кризи при Атинскиот Универзитет од почетокот на серијата земјотреси во морскиот дел меѓу двата острови, односно од 26 јануари заклучно со 17 февруари, биле регистрирани над 21,500 земјотреси.
Координаторот на комитетот и претседател на ОАСП, професорот Лекас ги презентирал можните сценарија за земјотресите, од кои најверојатното е деескалација на појавата, додека пак второто сценарио е земјотрес од 6 степени или малку посилен, а во овој случај „постои четири отсто веројатност да се урнат 200-300 згради на Санторини“.
Во однос на вулканска активност, професорот објаснил дека „во блиска иднина не се очекува вулканска ерупција“, подводниот вулкан Колумбос „не се очекува да еруптира во следните 10 илјади години“, а дискусиите за нов вулкан што може да се појави „се однесуваат на нешто што би можело да се случи за 200 илјади години“.
Дополнително посочил дека се регистрирани геолошки промени, односно преместување на тлото, при што северниот дел од островот е поместен за осум, а јужниот дел за четири сантиметри.
Грчкиот премиер во интервјуто за „Блумберг“ денеска се осврна и на ситуацијата на островот, објасни дека во последните денови има намалување на сеизмичката активноста, „што е охрабрувачки“.
– Секако, секогаш ги слушаме научниците и треба да бидеме подготвени за сите евентуални можности. Сепак, Грција е безбедна земја и ова е порака што сакам да ја испратам.
Никој не може да ја предвиди иднината, но ние сме воздржани оптимисти за она што се случува на Санторини.
И ако работите се одвиваат како што треба, се надеваме на тоа, релативно брзо ќе се вратиме во нормална состојба, посочи Мицотакис.
Ново на Сител
-
Мерц: На Германија треба да ѝ се даде поголема тежина во Европа
-
Антивладин протест во Кишињев
-
Еден загинат во напад на руски дрон во близина на Киев
-
Германија во пресрет на утрешните избори без јасен фаворит кој сам би формирал влада
-
Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија: По осум години ставен е во функција линеарниот акцелератор
-
Уапсен прилепчанец баран по потерница
-
Пронајдени телефони кај четири осуденици од Идризово
-
Од утре пораст на температурите и услови за слаб локален дожд