Муцунски и Борел ќе потпишат Договор за безбедносно и одбранбено партнерство
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска во Брисел заедно со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел ќе потпишат Договор за безбедносно и одбранбено партнерство меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија.
Се очекува овој Договор за партнерство да ја зајакне отпорноста на земјата и да овозможи заедничко справување со безбедносните предизвици и поефикасна соработка во сферата на безбедноста и одбраната.
Церемонија на потпишување на Договорот, ќе се одржи на маргините на заседанието на Советот за надворешни работи на ЕУ на ниво на министри за одбрана, на кое ќе се расправа за поддршката на Унијата за Украина и за одбранбената подготвеност на блокот.
Инаку, како дел од досегашната соработка ЕУ во рамки на Европскиот мировен фонд (ЕПФ) во септември годинава одобри 13 милиони евра помош наменети за зајакнување на капацитетите и способностите на Армијата на Република Северна Македонија (АРСМ).
Доделените средства се наменети за набавка на технологии за разузнавање, надзор, извидување, електронско војување и сигнално разузнавање, на логистичка и инженерска опрема, како и на комуникациски и информациски системи, а со нив ќе се обезбеди и техничка обука за користење на опремата.
Како што соопшти Советот на ЕУ, овие средства ќе ги зајакнат македонските капацитети за нејзино учество во операциите и мисиите во рамки на заедничката безбедносна и одбранбена политика на Унијата, како и други меѓународни мисии и таа помош дополнително ја илустрира зголемената поврзаноста на блокот со земјава во областа на безбедноста и одбраната.
- Таа ја одразува доследната посветеност на партнерите за унапредување на соработката во оваа политичка област, имајќи ја предвид целосната усогласеност на Северна Македонија со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, наведе тогаш Европскиот совет.
Во извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава на европскиот пат за 2024 година се наведува дека „Северна Македонија остана целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и во однос руската агресивна војна против Украина, испраќајќи силен сигнал за нејзиниот стратешки избор за пристап во ЕУ и докажувајќи се уште еднаш како доверлив партнер“.
Преку Европскиот мировен фонд (ЕПФ), ЕУ финансира активности наменети за зајакнување на капацитетите на трети држави и регионални и меѓународни организации поврзани со воени и одбранбени прашања. Фонд е основан во март 2021 година со цел да овозможи финансирање на активности во рамките на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, насочени кон спречување конфликти, зачувување на мирот и зајакнување на меѓународната безбедност и стабилност.
Ново на Сител
-
Пронајдени 14 мигранти во Кумановско, од кои четворица малолетни
-
Силекс се искачи на врвот на табелата
-
До крајот на денов сончево со мала локална облачност
-
Пакистан го прекина интернетот и мобилната телефонија
-
Мицкоски: Очекувам до следната летна или есенска сезона да има нови 100 до 120 електрични автобуси за јавен градски превоз
-
„Фаненшл тајмс“: Русија регрутира платеници од Јемен да се борат во Украина
-
Зеленски: Украина треба да ја зајакне противвоздушната одбрана за да ги заштити луѓето
-
Мицкоски: Со банките е договорена каматна стапка од 1,95 проценти за унгарскиот кредит за компаниите