Министерот ги убедуваше пацинетите дека добиваат соодветна терапија
Онколошки пациенти утре на средба со обвинителот која ја води постапката за скандалот на Онкологија. Биле повикани да слушнат што е она што во моментот го прави истражниот тим но и да им бидат расчистени одредени дилеми. Наводите за манимупацијата со најтешко болните и препродажба на терапија ги вознемири сите, но најмногу пациентите и затоа членки на групата Пеперутки ќе одат во јавното обвинителство да слушнат што имаат истражителите но и да им кажат кои се нивните очекувања.
-Со многу конкретни прашања, барем да видиме што е тоа што го имаат во моментот. Не сакаме еден или двајца жртвени јагниња, или само двајца обвинети или посочени. Сакаме да знаееме колку длабоко одела оваа еве да ја наречеме криминална организација и колку наназад треба да се вратиме, вели Ана Марјановиќ, онколошки пациент.
Марјановиќ е онколошки пациент од 2020 година. Без сомнежи го почнала лекувањето на Онкологија. Вели има и добри и чесни здравствени работници и не треба плукање по сите, но мора што поскоро да излезе вистината на виделина и да има одговорност. Деновиве ја барале семејства кои изгубиле свои блиски со едно прашање – дали направивме се.
-Мирниот сон што го разбуричкавме на сите мајки што изгубиле деца, на сите деца што останаа без родители...Да им се врати мирниот сон дека кога стапнале на Онкологија, кога ја дознале вистината и што поминале таму било направено буквално се да биде спасен човечкиот живот, вели Марјановиќ.
Ана и останатите од групата Пеперутки, како и синоќа, секој ден ќе се собираат пред Обвинителството за да покажат вистински луѓе со реални приказни пред очите на оние во чии раце е сега оваа неправда. А од оваа институција велат дека јавно не можат да соопштуваат многу детали.
- во континуитет се вршат распити на лица кои би можеле да имаат определени сознанија. Исто така, отпочнати се и дел од анализите на прибраните материјални докази, велат од ЈОРМ.
И додека сите чекаат име и презиме на виновниците, министерот за здравство денеска присуствуват на стручниот колегиум на Онкологија за да се увери дека се е под контрола.
За аплицирање на назначената терапија, постои уредна евиденција во амбулантниот дневник коі се води во дневната болница. На Клиниката се води и електронска евиденција за контрола на секој лек кој влегува на Онкологија. Во електронската евиденција на УКРО за секој лек постои ,,картица на артикл" кој ги содржи следните податоци: име и презиме на пациент, број на евидентиран преглед, датум на преглед, датум на апликација на лек, количина на лек, стои во соопштението од МЗ.
По скандалот со Онкологија, здравствени работници и здруженија коментираат дека без целосен ремонт и реформи во системот тешко да биде вратена довербата на пациентите во лекарите.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар