Македонија
29. September 2025 - 16:50

Мицкоски: Очекувам мирна кампања, но опозицијата ќе гради кампања врз лаги

Премиерот очекува мирна изборна трка и кампања, но предупредува дека опозицијата ќе ја гради кампањата врз, како што вели, лаги и конструкции кои би звучеле логично ако се вратиме во 19 век. Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата велат дека на овие избори излегуваат со проекти и визија за тоа како да се развива Македонија.

Мицкоски е дециден, постојат две опции: ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата или Филипче, Ахмети и Апасиев. Трета опција нема, а секој што мисли дека со седење дома ќе покаже пркос, тоа значи дека директно ќе гласа на СДСМ, ДУИ и Левица, вели Мицкоски.

Кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓоргиевски на првиот ден од кампањата кажа дека приоритет ќе му биде хуманизацијата на градот. Покрај бројните проекти кои ги најави, кажа дека уште во првите 72 часа откако ќе стане градоначалник Скопје ќе биде исчистено од отпад и ѓубре во координација со другите општини.

Доградба на пет основни училишта, изградба на ново во населбата Александрија и отворање на старечки дом во Ѓорче Петров, се дел од проектите кои ги презентираше кандидатот за градоначалник на оваа општина од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Едносменско училиште во општина Градско, инвестиција која ќе им излезе во пресрет на жителите на оваа општина, ветува Киро Нацков, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ ја почнува кампањата вечерва со митинг во спортскиот центар Јане Сандански во Скопје.