Македонија
24. November 2025 - 16:37

Мицкоски по апсењето на Аца Лукас: Строго и внимателно ќе се следат настапите на естрадните уметници

Строго и внимателно ќе се следат настапите и концертите на естрадни уметници. Премиерот Мицкоски по апсењето на српскиот пејач Аца Лукас викендов во Каварадци, вели дека законите за ваков тип на настани се јасни и ќе важат за сите. Иако Лукас преку видео на социјалните мрежи обвини дека акцијата била насочена лично кон него со наредба од врвот на македонските власти, сепак премиерот вели дека воопшто не знаел за приведувањето.

Јас и не знаев дека тоа се случило, да бидам искрен. Ми се јавија луѓето од Кабинетот да ме информираат, пред неколку дена мислам тоа беше. Претпоставувам дека некој таму сака да создаде естрада која таму е присутна, да ја пренесе овде. Мислам дека не треба многу внимание да му се посветува на ова. Јасни се законите, јасни се правилата, секој мора да ги почитува и многу строго и внимателно ќе ги следиме однесувањата на ваков тип на естрадни уметници и нивни менаџери“, кажа премиерот Мицкоски

Опозиција и денеска бара одговорност од министерот Тошковски. 

И полицијата на Тошковски и општината на Јанчев знаеле за настанот кој бил пријавен и не презеле навреме мерки. 

Дозволиле настанот да започне, да се наполни до опасност, а дури потоа, среде ноќ, во 00:10 часот, да биде прекинат.

Наместо да бега Тошковски треба да одговори на клучните прашања: Зошто воопшто е дозволено настанот да започне со поголем број на луѓе? Зошто МВР дозволило настанот со часови да се одвива со преполн капацитет, па дури по полноќ да го прекине? Дали МВР ништо не научи од трагедијата во Кочани? прашуваат од СДСМ

Од МВР вчера соопштија дека во кафе барот каде настапувал српскиот пејач иламо тројно повеќе гости од капацитетот, Лукас настапувал без потреба дозвола за работа, не се издавале фискални сметки и не се почитувал законот за забрана на пушење. Од кафе барот ги демантираа тврдењата на полицијата, со став дека сите прописи биле запазени, а настапот бил наменет за промоција на сопствена крипто валута на Аца Лукас. 

Српскиот пејач пак преку видео на социјалните мрежи за неговото приведување го обвини државниот врв и порача дека ќе размисли дали ќе настапува во Македонија додека тие се на власт. Во неговото видео Лукас тврди дека на настапот присуствувале 2000 гости.