Македонија
24. November 2025 - 12:27

Четврти фемицид годинава, аларм за институциите

79-годишната Борјанка од Штип е четвртиот регистриран случај годинава на фемицид во земјава. Според истрагата, долго време била контролирана и малтретирана, а трагедијата, повторно ја покажува речиси невидливата линија меѓу семејното насилство и фемицидот. Од Националната мрежа против насилство врз жените предупредуваат дека најтешките случаи ретко се случуваат без претходни сигнали.

-Овој обид на убиство речиси никогаш не се случува ненадејно, туку има многу јасни сигнали, пријави, ризици кои може да се предвидат, а често се случуваат поради институционалните пропусти кои настануваат и му претходат на ваква најтешка форма на родово-базирано насилство, изјави Ана Аврамоска Нушкова, Национална мрежа против насилство врз жените и семејното насилство.

Во февруари 2023, со измените во Кривичниот законик, фемицидот беше дефиниран како посебно кривично дело, со построги казни и јасна правна рамка. Меѓутоа, експертите сметаат дека тоа не е доволно.

-Началниот старт е дека законот ни е добар, но имплементацијата, примената и усогласеноста треба да бидат позасилени, додаде Аврамоска Нушкова.

Само околу два проценти од случаите на семејно насилство се пријавуваат. Повеќето жени молчат поради страв, срам и недоверба во институциите. А статистиката е загрижувачка, во последните три години регистрирани се 12 фемициди, од кои најмногу во 2023 година. Организациите бараат поефикасна координација на институциите, навремени реакции и системска поддршка за жените кои се обидуваат да излезат од насилството.