Аца Лукас обвинува за политичко приведување: Ако било нерегуларно требаше да не дозволат да се случи настапот
Од утре ќе се утврдува колкави казни ќе плати кафулето Рома за концертот на српскиот пејач Аца Лукас. Од Пазарниот инспекторат за Сител велат дека и за двете казни, за поголем број на присутни од предвиденото, но и за пушење цигари во затворен простор, ќе се одлучува утре, а казната ќе биде изречена согласно големината на компанијата.
Сепак, оттаму не прецизираат колку точно гости имало во кафулето Рома додека настапувал српскиот пејач.
Според него, пак, концертот бил прекинат половина час пред да заврши. Обвинува дека неговото приведување е политичко, бидејќи некој во врвот на македонските власти имал нешто лично против него.
-Имам сознанија дека ова е направено лично против мене и или против некој од моите најблиски соработници. Потполно е јасно дека ако знаеле дека е нешто нерегуларно, не би требало тој воопшто да се одржи. Требаше да дојдат пред настап и да го забранат. А не да чекаат скоро да биде крај, па така помпезно, театрално да бидам приведен пред 2.000 и кусур луѓе, вели Лукас.
Вели и дека казна за непријавена работа во Македонија добил само тој, а не и членовите на неговиот бенд. Токму овие прашања ги поставивме во Министерството за внатрешни работи. Кога добиле пријава за концертот и зошто ако е прекршен Законот за странци казнет бил само пејачот, а не и неговите соработници.
Одговор до подготовка на прилогот не добивме.
Во меѓувреме, опозицијата обвинува дека и полицијата, но и општина Кавадарци знаеле за концертот, а сепак дозволиле тој да се одржи. Бараат итно да се отвори истрага и да бидат санкционирани сите кои дозволиле да се случи настанот.
-МВР, Тошковски и Јанчев мора да ги одоговорат: Зошто воопшто е дозволено настанот да започне и да влезат 700 луѓе кои со тоа се ставени во ризик од нова трагедија? Зошто и покрај тоа што јасно ги прекршиле безбедносните протоколи организаторите и сопственикот на локалот не се повикани на одговорност? Дали дискотеката ги запазила сите прописи, дали е регистрирана како ноќен клуб и кабаре, дали вака не е потенцијал за ново Кочани? Дали ништо не научија МВР и Тошковски повторно дозволува да се случуваат ризични настани по безбедноста на граѓаните како оној во Кочани?, прашуваат од СДСМ.
Градоначалникот Јанчев вчера во изјава Сител кажа дека уште на 14 ноември испратил допис до кафулето дека не ги исполнува условите за да организира ваков настан.
Дополнително, непосредно пред самиот концерт, откако увидел дека има голем интерес, испратил и известување до надлежните институции дека не се исполнети сите законски услови.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
