Македонија
7. February 2017 - 13:25

Јордан Плевнеш член на Европската академија на науките и уметностите

Македонскиот писател и ректор на ЕСРА Универзитетот, Јордан Плевнеш е избран за редовен член на Европската академија на науките, уметностите и книжевностите.

Плевнеш е избран за редовен член на последното генерално заседание на Европската академија на науките, уметностите и книжевностите, на предлог на претседателот на академијата Жан-Патрик Конрад.

Во чест на номинацијата на Плевнеш, во Скопје ќе допатува Конрад кој ќе учествува на дводневниот интернационален симпозиум што ќе се одржи на 20 и 21 февруари на Универзитетот за аудиовизуелни уметности, европска филмска, театарска и танцова академија – Скопје.

На симпозиумот, Конрад ќе говори на тема „Хамлет и Европа – Да се биде или не“, а Плевнеш ќе се осврне на темата „Хамлет и Македонија – Да се биде или не“.

Кон крајот на април на Универзитетот Пантеон - Асас на Сорбона се очекува да се одржи и пристапното предавање на Плевнеш за Европската академија на науките, уметностите и книжевностите на тема „Драматургијата на глобалниот политички терор – земи или остави“.

Европската академија на науките, уметностите и книжевностите со седиште во Париз е формирана во седумдесеттите години на ХХ век, во знакот на визијата на Леонардо Да Винчи, дека „синтезата меѓу научното и уметничкото творештво е основа на европската цивилизација“.

Во академијата членуваат научни и уметнички творци од сите земји на Европа, од кои дваесеттина се нобеловци од природните науки. Членови на оваа академија се познатите творци на модерните времиња од Фредерико Фелини до Клод Леви-Строс, а во нејзиниот актуелен состав е и Марио Варгас Љоса, носител на Нобеловата награда за литература.