Македонија
29. јуни 2025 - 16:33

Јаневска: Од идната година свидетелства само електронски

Наместо свидетелства во печатена форма од оваа учебна година годишниот успех на учениците ќе може да се следи само електронски. На една година од водењето на министертвото, министерката Јаневска најавува дека кога масовно ќе се пушти новиот надграден електронски дневник, нема да се тошат пари за печатење на свидетелствата, освен за учениците кои ќе аплицираат во странство. 

Испрати порака и до наставниците и до учениците, заеднички да се подобри знаењето, за да нема лоши резултати на крајните тестирања. Според Јаневска, во тек се постапките за набавка и печатење на учебниците што ќе се користат од септември, вклучително и оние по странски јазици кои недостигаа 6 години.

А за една година владеење Јаневска и владата добија единца од СДСМ. Од партијата реагираат дека образованието е на работ на целосен колапс, а системот девалвиран.

По однос на инфраструктурните инвестиции, последнава година биле вложени 2 милијарди денари за 7 нови училишта, 20 објекти се реконструирани, се градат и 4 нови спортски сали, а се реконструираат и два студентски дома во Скопје.

Над 50 училишта ќе добијат фотоволтаици, а до крајот на годината ќе продолжи и изградбата на ФИНКИ и ФФК, но и ќе почнат да се градат кампуси за Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје и за Медицинскиот факултет во Штип, вели Јаневска.

И оваа година уписите во средните училишта се вршат и електронски и со физичко носење на документите во училиштата, бидејќи не сите имале пристап до е-формата на пријавување.

Според министерството, близу 17 илјади ученици годинава се запишани во средни училишта со првиот уписен рок. Утре учениците ќе можат да се пријават и на вториот уписен рок, за слободните места во сите училишта.