Македонија
29. јуни 2025 - 16:27

М. Брод добива Дневен центар за деца со посебни потреби, општината е на прво место по бројот на згрижувачки семејства

Македонски Брод наскоро ќе добие Дневен центар за деца со посебни потреби. Општината е на прво место во Македонија по глава на жител по бројот на згрижувачки семејства, каде најголем дел од тие деца се со посебни потреби. Отворањето на овој Дневен центар ќе има огромна улога за помош на овие семејства, но и ќе биде место каде децата од стручни лица ќе бидат учени на основните животни вештини. Центарот ќе има капацитет да прими 24 лица, распоредени во 2 смени.

„Овој проект е произлезен директно од нашите граѓани, затоа што нашата општина по глава на жител има најголем број на згрижувачки семејства, особено на дечиња со посебни потреби. Покрај тоа што определен број на дечиња со процесот на инклузија се во редовниот процес на образование, за другиот дел на дечиња кои не можат да ги користат тие услуги е неопходна потребата за дневен центар во градскиот дел, односно во Македонски Брод. Можеме да се пофалиме дека имаме искуство во овој дел, затоа што еден дневен центар имаме во селото Манастирец, сега е неопходна потребата од дневен центар во градскиот дел затоа што бројот на дечиња згрижени во згрижувачки семејства е доста голем“, изјави Жарко Ристески, градоначалник на М. Брод.

Според планот во Центарот треба да се вработат и 5 стручни лица кои ќе работат со овие деца. Секое од нив би престојувало тука според неговиот степен на развој.

„Локацијата е многу добра, има пристапни патишта, во централно градско подрачје и сметам дека бенефит би имале пред се децата, а исто така и згрижувачките семејства. Тоа значи дека ние како Општина големо вниемание обрнуваме за развој на социјалните услуги. Согласно капацитетот на самите дечиња, стручниот тим би го проценил тоа, согласно проценката и можностите на самото дете би било во определен период во дневниот центар, каде што согласно неговите потреби ќе совладува определени вештини. Тоа значи дека процесот на згрижување го подигнуваме на едно многу повисоко ниво“, додаде Ристески.

Отворањето на Дневниот центар ќе биде и дополнителен мотив и стимул повеќе семејства од овој град да згрижат деца со посебни потреби.