Македонија
29. јуни 2025 - 16:29

Крстевски: Кочани будно ќе го следи судскиот процес, требаше да има оставки од функционери од морални причини

Морална одговорност требаше да има од највисоките политички кругови за најголемата трагедија во Македонија- в.д градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски, во интервју за РСЕ вели дека доколку министерот за внатрешни работи си поднел оставка од морални причини, ќе дал позитивен политички пример. Го повика премиерот Мицкоски, да отиде во Кочани бидејќи само со помош на централната власт може да се издигне повторно градот. 

Крстевски вели дека немаат доверба во судскиот систем бидејќи низ примерите во минатото дел од судиите се наклонети кон политичко влијание, но вели јавноста будно ќе го следи целиот судски процес за да нема простор за било какви влијанија. 

Во меѓувреме, на вчерашниот Марш на ангелите во Кочани, семејствата на загинатите повторно изјавија дека не се задоволни од обвинението во кое се опфатени само 34 лица за трагедијата. Побараа од судиите да судат фер, за смртта на нивните најблиски. 

За рехабилитацијата на повредените од пожарот, министерот за здравство информираше дека третманите на првата група која е на Пониква се при крај, а на средината на јули ќе продолжи на рехабилитација и втората група на повредени.

Тројца од повредените во пожарот во Кочани сè уште се на лекување во странство, а нивната здравствена состојба е стабилна, соопшти Алиу.