Јаневска: Образованието и науката го добиваат потребното внимание и стануваат клучни развојни ресурси на државата
Обезбедување учебници на први септември, покачување на платите на наставниците и професорите, се градат седум нови училишни објекти, 20 објекти се реконструирани, се градат и четири нови спортски сали, а темелно се обновуваат и два студентски дома во Скопје. Ова се дел од остварените резултати во првата година од мандатот на министерката за образование и наука Весна Јаневска што таа ги посочи денеска на прес-конференција во Министерството.
Јаневска придружувана од заменик-министерот, државниот секретар и директорите на Педагошката служба, на Бирото за развој на образованието и на Државниот испитен центар, нагласи дека сите заедно ги поставиле темелите за изградба на квалитетен и конкурентен национален образовен систем, кој ќе овозможи еднаквост, ефикасност, подобро знаење и вештини и генерално задоволство кај сите чинители во воспитно - образовниот процес.
- Недостигот на учебници беше првиот предизвик со кој се соочивме, но го надминавме и покрај краткиот рок. Ги испечативме и испорачавме веќе одобрените, а изработивме и повеќе нови учебници и наставни материјали за основно, по предмети за кои, до тогаш воопшто немаше никакво помагало. Испечативме и над 100 нови наслови во средното стручно образование. Учениците имаа и ќе имаат од што да учат и во новата учебна година, рече Јаневска, информирајќи дека во тек се постапките за набавка и печатење на учебниците што ќе се користат од септември, вклучително и оние по странски јазици кои недостигаа шест години.
Министерката се заблагодари на наставниците кои активно учествуваа во креирањето и спроведувањето на досегашните промени, посочувајќи дека грижата на државата кон нив ќе се зголемува и во иднина.
- Донесовме одлука за етапно, реално покачување на платите на наставниците во период од четири години. И веќе добија над 12 проценти. Универзитетските професори пак, од јануари годинава добија зголемување за 14 проценти, рече Јаневска.
Потсети и дека наставниците се ослободени од административни обврски за тројно внесување на идентични податоци - во електронски дневник, во свидетелства и во главните книги, така што, вели, останува повеќе време за да се посветат на суштината на образовниот процес.
Во однос на инфраструктурните инвестиции, Јаневска информира дека со 2 милијарди денари се градат седум нови училишни објекти, 20 објекти се реконструирани, се градат и четири нови спортски сали, а темелно се обновуваат и два студентски домаи во Скопје. Потенцира дека над 50 училишта ќе добијат фотоволтаици, а до крајот на годината ќе продолжи и изградбата на ФИНКИ и ФФК, но и ќе почнат да се градат кампуси за Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје и за Медицинскиот факултет во Штип.
- Два процеси за кои лично многу се залагам од самиот почеток на мандатот се оптимизацијата на училишната мрежа и воведувањето на едносменска работа. И двата се одвиваат паралелно, а ќе овозможат поквалитетна настава, подолг престој на децата во училиште и поголема социјализација на учениците од рурални средини, заштеда на средства на долг рок и нивно ефективно реинвестирање, како и решавање на предизвикот со вишокот наставници, рече министерката, додавајќи дека 153 училишта годинава имаа настава во една смена, а наскоро услови ќе се создадат и во шест други.
Изрази задоволство од соработката со студентите, со кои, како што рече, заедно работиме на унапредување на младинскиот стандард и во таа насока, досега се прифатени 10-тина нивни барања за проширување на студентски права и можности.
- Науката е наш фокус, затоа што без наука нема развој на државата. Двојно го зголемивме буџетот за развој на научно – истражувачката дејност и сега изнесува 680 милиони денари. Три повици се веќе објавени за финансирање на иновативни научно – истражувачки проекти, а станавме и партнери со Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија кој ги отвори вратите на своите лаборатории за македонските научници и истражувачи. Базите со научна литература и трудови Web of science и Scopus ги направивме бесплатно достапни за сите вработени и студени на државните универзитети, додаде министерката.
Информира дека за една година Државниот просветен инспекторат и службите на МОН направиле над 2000 надзори на образовни и научни установи. Информира дека заради неактивност или непостапување по дадени насоки, затворени се 14 приватни научни институти и високостручни школи. Нагласи дека по долги години запоставеност на лекторатите по македонски јазик, се ангажирани шест лектори на исто толку во Хрватска, Словачка, Кина, Италија, Романија и Полска.
Нагласи дека во овој период надградена е и законската регулатива, донесени се пет нови закони со кои, како што рече, се овозможува ангажирање на образовни асистенти во средните училишта, обезбедена е поголема поддршка за талентирани ученици и ментори кои учествуваат на меѓународни натпревари, како и финансиска поддршка за здруженија на наставници кои организираат меѓународни олимпијади во Македонија. Посочи дека овозможено е професионално, односно кариерно насочување на учениците од основните и средните училишта. Потенцира дека формално се уредува образовниот процес на лицата кои отслужуваат казни во казнено - поправни и воспитно – поправни домови, како и образовниот процес на лицата со надмината возраст за училиште.
Јаневска очекува сите учесници во креирањето и спроведувањето на промените да продолжат да работат со исто темпо, бидејќи сосема јасно е како возвраќа негрижата од минатото - со деца последни на ПИСА тестирањата, универзитети кои ги нема на светските ранг листи и научници кои заминуваат да работат за други држави. Се заблагодари и на медиумите за следењето на работата на инстиуциите и за укажувањата со кои ја подобруваат институционалната ефикасност.
Ново на Сител
-
Тема на денот со Игор Митревски, инженер за безбедност во сообраќајот
-
Приведени 77 лица, повредени 48 полицајци - Вучиќ најави „нема веќе помилувања, време е за одговорност“
-
Азир Алиу најавува прецизно дефинирани протоколи кога треба пациентите да се испраќаат на Клинички
-
Јаневска: Од идната година свидетелства само електронски
-
По ДОМ и Партијата на пензионерите ја напушта СДСМ
-
Димитриевски реизбран за претседател на „ЗНАМ”
-
Крстевски: Кочани будно ќе го следи судскиот процес, требаше да има оставки од функционери од морални причини
-
Едрилица се скрши сред Охридско Езеро од силен ветар