Христијан Ѓорески – Најдобар млад научник за 2016 година
Претседателот Ѓорге Иванов денеска му го додели признанието „Најдобар млад научник“ за 2016 година на Христијан Ѓорески, кој работи во областа на вештачката интелигенција.
Ѓорески, роден во 1987 година во Прилеп, дипломирал во 2010 година на Факултетот за електротехника и информациски технологии на Универзитет „Св. Кирил и Методиј" во Скопје, магистрирал во 2011 година на Институтот „Јожеф Стефан“ во Словенија, а докторирал на истиот институт во 2015 година. Моментално работи како постдокторски истражувач на Универзитетот во Сасекс во Обединетото Кралство.
Неговата работа опфаќа развивање алгоритми за обработка на сензорски податоци за градење интелигентни системи коишто наоѓаат примена во спортот, здравството, грижа на стари лица. Дел од неговите истражувачки области се: автоматско препознавање на човечки активности, автоматско препознавање стрес, детекција на паѓање, оценување на потрошената енергија во секојдневните активности.
Како што соопшти Кабинетот на Претседателот, Иванов истакнал дека е особено импресиониран што интересот кон оваа област го води нашиот најдобар млад научник во изнаоѓање решенија кои би се користеле во здравството и спортот.
- Токму оваа хумана димензија во научната работа на д-р Христијан Ѓорески треба да ни биде и потсетник дека се што правиме треба да биде за и во полза на човекот. Без разлика дали се занимаваме со научна или општествена работа да не заборавиме дека сето тоа е во служба на човекот, на неговиот подобар и подостоинствен живот. А за развојот и напредокот што го имаме како човечка цивилизација пред се и должиме на науката. Постојано жедни за нови знаења и трагајќи кон новото и подоброто научниците секојдневно ги подобруваат нашите животи. Да бидеме благодарни за се што имаат постигнато и да се гордееме што и македонските научници се дел од светската научна мисла, истакнал претседателот Иванов.
Ѓорески по доделувањето на признанието се заблагодарил за признанието кое, рекол, му причинува огромно задоволство и претставува мотивација за неговите следни предизвици.
- Манифестации како оваа се од огромно значење за младите и претставуваат мотивација и поттик за нивно вклучување во научно-истражувачката дејност. Затоа, силно ги поддржувам и ги охрабрувам ваквите иницијативи, кои што ја поттикнуваат и негуваат научната дејност кај младите“, изјавил Ѓорески.
Ѓорески е носител на повеќе домашни и меѓународни награди и признанија, коавтор на меѓународна апликација за патент во Обединетото Кралство, коавтор на два патента во Република Словенија, коавтор на 11 научни трудови во меѓународни рецензирани списанија, од кои седум во списанија со фактор на влијание, и е коавтор на 40 научни трудови презентирани на меѓународни конференции.
Ново на Сител
-
Каква е безбедносната состојба во Македонија?
-
Тема на денот со Максим Димитриевски, Претседател на движењето ЗНАМ
-
МВР ја објави кривичната пријава, Ковачевски осомничен за злоупотреба на 140.000 евра
-
Груби недостапен, Судот му одреди 30 дена притвор
-
Политички рекации
-
Ѓурчевски: Во МВР отсекогаш постоеле „кртови“, но денеска е полесно да се пронајдат
-
Таткото на починатото седуммесечно бебе: Го чуваш, го негуваш и за пет дена веќе го нема!
-
Бугарија со предупредување до ЕУ: Прво уставни измени, па интеграција на Македонија