Бугарија со предупредување до ЕУ: Прво уставни измени, па интеграција на Македонија
Бугарија не губи време - во пресрет на состанокот на Европскиот совет и Самитот Еу-Западен Балкан утре во Брисел, бугарскиот премиер Главчев телефонски се слушнал со претседателот на Европскиот Совет, Кошта. Како што стои во објавата на бугарската влада, бил категоричен дека без уставни измени, нема Европа за Македонија.
Со неевропско однесување не може да се постигнат европски резултати. Бугарскиот премиер истакна дека нашата земја ја поддржува европската интеграција на Република Северна Македонија, под услов да се почитуваат аранжманите од Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу двете земји од 2017 година, како и спроведувањето на клучните реформи поврзани со човековите права, владеењето на правото и добрососедските односи, стои во владината објава.
И покрај вакавите предупредувања од Софија, комесарката за проширување на Кос пред состанокот на Советот за општи работи на ЕУ најави нова динамика во процесот на проширување и нотира дека се постигнува напредок.
Евроамбасадорот Рокас вели дека проширувањето ќе биде високо на агендата на ЕУ. Ги повика сите политички чинители во земјава заедно да работат на реформската агенда, за таа да биде успешна приказна.
А поддршката за македонските интеграции ја потврдуваат и од САД. Амбасадорката Агелер вели дека сакаат да ја видат земјава како дел од ЕУ, и се надева на успешни разговори.
„Ние не сме дел од ЕУ. И затоа ние не сме дел од многу од тие дискусии. Но, ќе го кажам она што го кажавме претходно во Вашингтон и овде во Скопје, а исто така и мојот пријател во Софија, нашиот амбасадор Мартин таму, многу би сакале да ја видиме Македонија во Европската Унија и се надеваме дека нивните дискусии ќе бидат успешни и плодни. Затоа што просперитетната, успешната, сигурната иднина на оваа земја е во рамките на Европската Унија. Таа е во срцето на Европа. И затоа таму припаѓа“, рече Агелер.
Премиерот Мицкоски патува во Брисел со истите позиции со кои и досега настапуваше – уставни измени да, но со одложено дејство. Порача дека Брисел треба да го мери напредокот во постигнувања а не преку билатерални спорови.
Предвидено е по состанокот да биде потпишана и заедничка декларација во која ќе биде наведено дека забрзувањето на пристапниот процес е заеднички интерес, а напредокот на земјите од регионот треба да се базира на реформи и индивидуални заслуги. Во декларацијата се нагласува потребата од решителни напори за решавање на билатералните спорови и стабилизација на регионот.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар