Европратениците ја одобрија новата Европска комисија
Европскиот парламент денеска со 370 гласа „за“, 282 „против“ и 36 „воздржани“ го одобри изборот на новата Европска комисија на Урсула фон дер Лајен.
За да биде одобрена Европската комисија требаше да добие поддршка од мнозинството европратеници кои гласаа или во случајов 345 гласа.
По одобрувањето на ЕК, претседателката на ЕП, Роберта Мецола го потпиша Писмото за потврдување на изборот и и го предаде на Фон дер Лајен.
Новата Еврокомисија ја сочинуваат 27 члена – по еден од секоја земја-членка на ЕУ – претседателката Фон дер Лајен, шестмина потпретседатели и 20 еврокомесари.
Шпанката Тереза Рибера Родригез ќе биде извршна потпретседателка на чиста, праведна и конкурентна транзиција и еврокомесарка за политиката на конкурентност, Финката Хена Виркунен извршна потпретседателка за технологија, суверенитет, безбедност и демократија и еврокомесарка за дигитални технологии, а Французинот Стефан Сежурне ќе биде извршен потпретседател за просперитет и индустриска стратегија и еврокомесар за индустријата, мали и средни претпријатија и единствениот пазар.
Останатите тројца извршни потпретседатели ќе бидат Романката Роксана Манзату, задолжена за вештини и стручно оспособување на луѓето, која воедно ќе биде и еврокомесарка за вештини, образование, култура, квалитетни работни места и социјални права, Италијанецот Рафаеле Фито, кој ќе биде одговорен за кохезија и реформи и еврокомесар кохезивна политика, регионален развој и градовите и Естонката Каја Калас, како висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.
Словакот Марош Шефчович ќе биде еврокомесар за трговија, економска безбедност, меѓуинституционални односи и транспарентност, Летонецот Валдис Домбровскис за економија, продуктивност, имплементација и поедноставување, Хрватката Дубравка Шуица е предложена за еврокомесарка за Медитеранот, а Унгарецот Оливер Вархеји за здравје и благосостојба на животните.
Еврокомесар за клима, нето нула емисии и чист раст ќе биде Холанѓанецот Вопке Хукстра, за одбрана и Вселената Литванецот Андриус Кубилиус, за проширување Словенката Марта Кос, а за меѓународни партнерства Чехот Јозеф Сикела.
Кипранецот Костас Кадис ќе раководи со ресорот рибарство и океани, Португалката Марија Луиш Албакерки со финансиските услуги, штедењето и инвестициите, Белгијката Хаџа Лабиб со подготвеноста и менаџирањето на кризи, а Австриецот Магнус Брунер со внатрешните работи и миграцијата.
Јесика Розвол од Шведска ќе биде еврокомесарка за животна средина, отпорност на водите и конкурентна циркуларна економија, Пјотр Серафин од Полска за буџет, борба против измамите и јавна администрација, Ден Јоргенсен од Данска за енергија и домување, а Бугарката Екатерина Захариева за истражување и иновации.
Ирецот Мајкл Мекграт ќе биде комесар за демократија, правда и владеење на правото, Гркот Апостолос Sиsикостас за одржлив транспорт и туризам, Луксембуржанецот Кристоф Хансен за земјоделство и храна, а Малтежанецот Глен Микалеф за меѓугенерациска правичност, култура, млади и спорт.
На денешното гласањето му претходеше обраќање на Фон дер Лајен пред ЕП посветено на составот и програмата на работа на новата Еврокомисија, по што следеше дебата во која претставници на сите пратенички групи ги изнесоа своите ставови во однос на предложените кандидати за еврокомесари и програмата, при што порача дека борбата за слобода „не поврзува како Европејци“ и таа е причината за постоењето на нашата Унија, а денес станува нејзина движечка сила повеќе од кога било досега.
-Оваа борба за слобода не се однесува само на нашите 27 земји членки. Сонот за Европа се протега до Западниот Балкан, до Украина, до Молдавија и пошироко. Ја видовме храброста на народот на Украина во продолжувањето на нивниот европски пат. Ја видовме издржливоста на народот на Молдавија да се држи до својата европска иднина. Ја видовме посветеноста на Западниот Балкан да се реформира, да расте и да се подготви да се приклучи на нашата Унија, нагласи Фон дер Лајен.
Таа нагласи дека Русија нема ништо да ја запре во напорите за да ги спречи овие земји да имаат европска иднина, но посветеноста на Европа кон нив секогаш ќе биде посилна од обидите на Москва.
-Нека нема сомнеж, ние ја сакаме Украина како дел од Европската Унија. Значи, ќе стоиме покрај Украина онолку колку што е потребно. Ќе се подготвиме со реформите што се потребни од наша страна. И ние ќе ги поддржуваме овие земји на секој чекор од нивниот пат заснован на заслуги додека не бидат подготвени да се приклучат на нашата Унија. Визијата за континент обединет со демократија, владеење на правото и почитување на основните слободи секогаш ќе ја движи нашата работа. Затоа што луѓето од овие земји заслужуваат иднина со мир, напредок и просперитет и ќе се погрижиме таа иднина да биде во Европа, порача Фон дер Лајен.
Таа нагласи дека нејзината Европска комисија секогаш ќе биде посветена на борбата за слобода и суверенитет, за кои херојски се бори народот на Украина, како и за „слободата да ја обликуваме сопствената иднина во овој конфронтирачки и нестабилен свет“.
Според неа, слободата не е само апстрактен збор, тука таа гарантира безбедност на европските семејства, им овозможува да си дозволат да купат храна и да ги затоплат своите домовите за пристојни плати и правични цени и да ги искористат можностите.
-Нашата борба за слобода може да изгледа поинаку од онаа минатите генерации, но влогот е исто толку голем. Оваа слобода нема да бидат бесплатна. Таа ќе значи правење тешки избори. Таа ќе значи огромни инвестиции во нашата безбедност и просперитет и пред се ќе значи да останеме обединети и доследни на нашите вредности. Изнаоѓање начини за меѓусебна работа и надминување на поделбите. Тоа е она за што јас и сите 26 жени и мажи до мојот тим ќе се стремиме секој ден. Подготвени сме веднаш да се фатиме за работа, порача Фон дер Лајен, додавајќи дека надминувањето на поделбите и правењето компромиси е белег на секоја живописна демократија.
-Ова единство ќе биде уште поважно во денешниот свет. Свет во кој секоја слабост се користи како оружје, секоја поделба се злоупотребува и секоја зависност се искористува. Од кога било повеќе нашата слобода и суверенитет зависат од нашата економска сила. Нашата безбедност зависи од нашата способност да се натпреваруваме, да иновираме и да произведуваме. И нашиот социјален модел зависи од растот економија додека се соочуваме со демографски промени, рече Фон дер Лајен.
Таа потенцира дека војните, конфликтите и страдањето на луѓето продолжуваат со несмалено темпо во европското соседство и затоа ЕУ мора да игра посилна улога во овие региони и има должност да помогнеме да се стави крај на уништувањето и загубите.
-Зајакнувањето на нашата безбедност е уште поважно во еден кревок свет како што е денешниот, свет на кој верувам дека Европа му е потребна повеќе од кога било досега. Мултилатерализмот и партнерствата, одржливиот развој и хуманитарна помош, безбедноста и човекови права се поважни од било кога досега и тие ќе продолжат да бидат клучот на нашата надворешна политика, рече претседателката на ЕК.
Фон дер Лајен нагласи дека првата голема иницијатива на новата Комисија ќе биде „Компасот за конкурентност“, кој ќе се базира на три столба – стеснување на јазот во иновациите со САД и Кина, потоа декарбонизацијата и зајакнувањето на конкурентност и зголемување на безбедноста и намалување на зависноста.
-Овој тим за кој гласате денеска е навистина европски. Претставува различни народи и генерации. Имаме поранешни премиери и министри, градоначалници и локални функционери. Некои биле извршни директори, а други работеле за непрофитни организации. Некои биле новинари и сопственици на бизниси. Други се биолози или физичари. Некои се од руралните средини и земјоделскиот сектор, а други од нашите големи градови. Некои преживеаја војни, други транзиција кон демократија. Горда сум што овој тим е толку разновиден на многу начини, рече Фон дер Лајен.
Според неа, слободата и демократијата треба да се негуваат и да се бориме за нив за секој ден, за да можеме да ги пренесеме на следната генерација, исто како што ги наследивме од оние пред нас.
-Европејците се бореа меѓу себе толку долго. Беше потребна генерација лидери со храброст за да ги санираат раните и да обмислат поинаква иднина. Ова е духот што оттогаш го води нашиот континент напред. Одново и одново, имавме избор. Од една страна, курс на поделба и пад. Од друга, тесниот пат кон пообединета Европа. Европа отсекогаш барала сила во единството. Така, со чест и длабока емоција стојам овде во Стразбур, во овој Дом на европската демократија, во срцето на слободна Европа, барајќи ја од вас вашата доверба во овој тим, барајќи од вас да изберете посилна и пообединета иднина, барајќи од вас да изберете иднина на слобода за Европа. Тој пат никогаш не бил најлесниот, но заедно знаеме дека можеме да го направиме тоа. Па да се фатиме за работа. Да живее Европа, порача Фон дер Лајен.
Сега преостанува Советот на ЕУ со квалификувано мнозинство гласови формално да ги назначи членовите на Еврокомисија, постапка која се очекува да заврши до петок, со што новите еврокомесари би стапиле на должност на 1 декември.
Ново на Сител
-
Одредена мерка притвор за тројцата учесници во инцидентите во Скопје
-
До април 2025 година ќе почнат градежните работи за третата фаза за Старата скопска чаршија, најави Меџити
-
Меџити за инцидентите на Денот на албанското знаме: Ќе одговараат сите кои го прекршиле законот
-
Македонец за 3,000 евра месечно отишол да се бори за руската војска во Украина
-
Пуштено во употреба метрото во Солун
-
Уапсени велешани со еден килограм кокаин | ФОТО
-
И утре облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
-
ЦУК: До 11 часот сите патни правци во државава се проодни, освен планиските делови