Македонија
26. May 2023 - 16:31

Една година по најавата нема надеж за ревидирање на позитивната листа на лекови

По една година најави и ветувања, пациентите се уште чекаат да добиваат современа терапија на рецепт. И после две децении ништо од ревидирање на позитивната листа на лекови која е приоритет на секој министер за здравство, но секогаш далеку од реализација. Лани, Беким Сали се засили дека ќе го реши овој проблем и даваше прогнози а резултатот заврши само со предлог правилник по кој ќе се внесуваат нови медикаменти. Сегашниот, Фатмир Меџити вели ќе има побрзо осовременување на позитивната листа, но допрва треба да формира Комисија која ќе одлучува што ќе пројде.

- Во врска со позитивната листа, значајна новина во оваа област е донесувањето на новиот Правилник за  ставање лек на позитивна листа, кој се базира на современите европски практики во оваа област. Се очекува фармацевтските компании да пројават интерес за поднесување на барања, согласно уредената постапка и во согласност со критериумите за ставање лек на позитивна листа.  Со оглед дека станува збор за пообемна документација која самите компании ја подготвуваат во моментов, очекуваме во наредниот период да пристигнат апликациите, велат од Министерството за здравство.

И додека надлежните ја најавуваат како приритет со години, има категорија на пациенти која нема достапна терапија на позитивната листа а болеста без соодветен третман може да прогресира. Лица со хепатит Б спасот за лек го бараат во странство.

- Се снаоѓаат овие пациент на секаков начин, кој како знае и умее. Набавуваат од надвор, меѓутоа знаеме дека тоа не е решение. Има нов министер за здравство и треба да не повикаат и да видиме како ќе оди овој процес, вели Милан Мишковиќ претседател на здружение Хепар.

Болни ги лекуваат со стара терапија а за повеќето дијагнози треба по неколку лекови наместо едно апче со повеќе компоненти.

Останува дилемата – ако 1 година беше потребна за изготвување на правилник, уште колку години ќе требаат за ревидирање на позитивната листа.