Македонија
19. March 2016 - 15:34

Две години од првата операција на Државната кардиохирургија

Со 20 до 30 операции месечно и 90-процентнта успешност на тешките, итни случаи, Државната кардиохирургија одлично се развива и се повеќе добива на кредибилност, не само кај пациентите, туку и кај професионалната јавност.

Како што рече денеска министерот за здравство Никола Тодоров по повод две години од првата операција на Државната кардиохирургија, Клиниката ги имплементира најновите и најсовремени стандарди во лекувањето, применува најсовремени процедури и има најсовремена опрема, а од 2015 година, покрај кардиохируршки, работи и васкуларни процедури. 

Тодоров најави зајакнување на тимот во делот васкуларната хирургија со прием на двајца доктори кои ќе бидат пратени на специјализација или субспецијализација. Во план е, нагласи, и зајакнување на тимот анестезиолози со дополнителни тројца лекари и медицински персонал.

- Прокетот за кој докторите сонуваа 40 години, е реалност и одлично се развива. Ако првата година имаше 25 - 30 операции, сега толкав број се прават месечно. Тоа значи дека Државната кардиохирургија одлично се развива, одлично напредува и се повеќе добива на име и кредибилност кај пациентите и кај професионалната јавност, истакна Тодоров.

Според директорот Сашко Јовев, бројката на интервенции се зголемува, како и опсегот на работа.

- Почнавме спорадично, а од јули минатата година на новата Клиника работиме редовно и обемот е се поголем. Се прават 20 до 30 операции месечно. Последниве три месеци направивме вкупно 70, а вкупно сме реализирале 230 од кои 190 кардиохируршки и 30-тина васкуларни, на аорта и каротиди, рече Јовев, додавајќи дека досега се изведени и околу 30 васкуларни операции. 

Директорот подвлече дека на Државната кардиохирургија од вкупно десет итни операции, осум до девет се сосема добро направени, додека успешноста на останатите е во европски рамки, со околу 99-процентна успешност.