Македонија
11. May 2023 - 16:32

ДИЦ продолжува со штрајкот, полагањето државна матура се понеизвесно

Вработените во Државниот испитен центар продолжуваат со штрајкот. На вчерашниот состанок со вицепремиерот Битиќи добиле понуда да прифатат исплата на К-15 и половина од вработените во институцијата да добијат линеарно покачување на платите од 2.000 денари.

Ова за Синдикатот е неприфатливо, бидејќи велат дека тоа што вчера Битиќи го понудил нив секако им следува со закон, но државата не го почитува.

-Се најдоа начини, се направија ребаланси за нивните покачувања од 70-80 проценти. Не можат да најдат решение за 30 вработени коишто работат многу напорно и коишто работат на повеќе одговорности во исто време, рече претседателката на синдикалната организација на ДИЦ, Емилија Бошковска.

Засега е нејасно кога ќе се спроведе полагањето на матурата бидејќи вработените во ДИЦ се изземаат од нејзино спроведување

-Ние ќе престанеме со овие изјави. Сите останатите одлуки ќе си ги донесуваат министерствата коишто се надлежни, вели Бошковска.

Од МОН и денеска инсистираат матура да се полага на датумите кои се дефинирани во Календарот, односно на 27 мај и 10 јуни. Оттаму велат дека им даваат поддршка на вработените, но нивното право да бараат повисоки плати не смее да оди на штета на учениците.

- Дијалогот помеѓу ДИЦ и Министерството за финансии треба да продолжи до изнаоѓање на конечно решение, но истовремено, неопходно е да продолжат и процесите кои ги засегаат матурантите, се вели во соопштението до МОН.

Една од опциите кои ја спомна министерот Шаќири е вработени од МОН да го преземат процесот на подготвување на матурата. Меѓутоа, вработените предупредуваат дека така тестовите можат да протечат кај матурантите.

-Со секое влегување на надворешно лице во просториите кадешто е забранат влез, значи дел од тука присутните не влегуваат, се нарушува веродојноста на матурата. Слободно нека донесат, вели Бошковска.

По пропаднатите преговори, Сојузот на средношколци за попладнево закажа седница на Генералното собрание на која во фокусот ќе биде одлуката за продолжување на штрајкот. Оттаму се очекуваат конкретни предлози до Владата за надминување на ситуацијата.

За денеска е закажан и состанок на Државниот матурски одбор.

Ако евентуално доцнат полагањето и резултатите од матурата, според некои проценки, околу 2.000 матуранти кои планираат да студираат во странство ќе имаат проблем да ги фатат роковите за упис.