Бизнис
3. April 2018 - 13:47

Автопатот Кичево-Охрид и „зелената нафта“ пред пратениците

Собранието на Република Македонија денеска, во рамки на 40. седница на чиј дневен ред се преку 60 предлог-закони, треба да ги разгледа во второ читање и дополнувањата на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патната делница Миладиновци - Штип и патната делница Кичево-Охрид, по скратена постапка.

Автопатот Кичево-Охрид треба да биде готов до јуни 2021 година. Владата на 20 март годинава го усвои првиот анекс на договорот со кинеската компанија Синохидро со кој рокот за градба се пролонгира за три и пол години.

Меѓу предлог-законите се и измените на Законот за земјоделство и рурален развој со кој се предвидува воведување „зелена нафта“, односно кофинансирање на трошоците за набавка на гориво за земјоделското производство до 50 отсто што, според Владата, треба да овозможи намалување на производните трошоци и поголема конкурентност.

Во моментов во тек е 38. седница на која досега во прво читање поминаа околу 30 предлог-закони, сите во прво читање. 

За денеска Собранието има закажано уште две седници, продолженија на осмата и 40-тата.