Таравари: Нема лекарска грешка за смртта на седуммесечното бебе на детската клиника
Нема лекарска грешка во случајот со смртта на седуммесечното бебе на Детската Клиника. Министерот Таравари во понеделникот го добил извештајот изготвен од стручната комија која формираше Министерството.
-Професионалците констатираа дека нема никаква лекарска грешка.
„Каде бил проблемот тогаш?“
Таткото на починатото бебе вели дека ќе го чека извештајот од обдукцијата, па потоа ќе одлучат за можни идни правни чекори. Вели, најболно е тоа што бебето не добило здравествена нега на време.
Бебето почина на 16 декември на интензивна нега на Детската клиника во Скопје откако претходно една недела лекарска помош барале во неколку здравствени установи. Вонреден инспекциски надзор изврши Државниот санитарен и здравствен инспекторат кој констатираше бебето било лекувано од специјализанти. Сега, Таравари реши да ги озакони. Најави дека во иднина ќе добијат свој факсимил и ќе можат да пишуваат извештаи со свое име и презиме.
Детската клиника за време на празниците беше преполна со пациенти. Таравари вели дека преку децентрализација на јавниот здравествен систем ќе се намали притисокот врз клиниките.
-Повеќето пациенти, и тие што треба и тие што не треба се испраќаат на Клиниката за педијатрија. Децентрализацијата којашто веќе ја промовираме во јавниот здравствен систем е во тој правец. Повеќето пациенти кои можат да се третираат во внатрешноста на државата да се третираат таму. Матичните педијатри да не ги испраќаат сите свои пациенти коишто не треба да доаѓаат на педијатрија. Тие што се итни апсолутно ќе треба да бидат испратени, вели Таравари.
Директорот на Клиниката, Реџеп Мемеди вели, имаат 24часовна поддршка за пациентите, но им недостасува кадар. Вели, бројот на болни деца кои доаѓаат на Детска секоја година е висок.
-Доминираат тие сезонски вируси кои се се почести. И тоа е скоро секоја година, значи, во овој дел од годината имаме зголемен број на пациенти со респираторни симптоматологии и цревни, исто така, инфекции кои се третираат во нашата Клиника и ја добиваат потребната нега, вели Мемеди.
Детска клиника доби нов инкубатор, два бебитерми и два перфизори – донација од Пекабеско. Компанијата одлучила наместо својот 45. роденден да го прослави традиционално, парите да ги донира за најмалите.
-Одлучивме да дадеме 20.000 евра за Министерството за здравство, за Детската клиника. Не кажавме што, оставивме на стручните луѓе во Детската клиника да кажат што им е потребно во таа вредност, ние да го платиме. Го уплативме пред Нова година, денеска дојде, рече првиот извршен директор на Пекабеско, Слободан Кутревски.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар