Балкан
1. November 2025 - 8:52

Во Нови Сад голем коморативен собир по повод годишнината од падот на бетонската настрешница на железничката станица

Во српскиот град Нови Сад голем број луѓе од целата држава ќе одржат денеска комеморативен собир со цел – оддавање почит на првата годишнина од загинувањето на граѓани поради уривањето на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад. На државно ниво денеска Ден на жалост.

Пред една година – на денешен ден во Нови Сад – загинаа 16 луѓе, а едно девојче беше тешко повредено кога се урна бетонска настрешница на реновирана железничка станица во тој град, трагедија за која досега не е утврдена кривична одговорност.

Бетонската настрешница се урна во 11 часот и 52 минути, тогаш загинаа 14 луѓе, меѓу кои и четири деца на возраст од шест, 10, 16 и 17 години, а три лица беа тешко повредени. Уште две лица починаа подоцна поради повредите.

Меѓу загинатите беше и Македонецот Васко Саздовски (46) – истражувач во Институтот Биосенс во Центарот за сензорски технологии, како виш истражувач во рамките на проектот ANTARES. Докторирал на Универзитетот Кренфилд, Обединето Кралство. Претходно магистрирал електротехника на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и дипломирал воздухопловство на Воената академија во нашата држава.

Илјадници луѓе ноќеска по полноќ во Нови Сад одржаа 16-минутен молк со што им оддадоа почит на жртвите од трагедијата, пред големиот комеморативен собир со кој денеска ќе се одбележи годишнината од страдањето на 16 луѓе кои загинаа при падот на бетонската настрешница на реновираната зграда на станицата.

Новосаѓани изминатите два дена ги пречекуваа групите студенти и граѓани кои дојдоа пеш од цела Србија за да им оддадат почит на загинатите. Во градот се веќе присутни и групи велосипедисти, моторџии, ветерани и земјоделци со трактори.

По собирањето во центарот на градот, тие по полноќ се упатија во колона кон железничката станица. Студентите на чело на колоната, во тишина, носеа 16 венци бели цвеќиња со имињата на жртвите од трагедијата.

Бројни жители на Нови Сад им се придружија во целосна тишина во текот на ноќта при што пред станицата палеа свеќи.Студентите кои пристигнаа во Нови Сад се сместија во кампусот – една од 16-те локации во Нови Сад од кои ќе се движат денеска кон железничката станица.

Веднаш по падот на настрешницата, прво Железничката инфраструктура на Србија објави дека настрешницата не е реконструирана, а потоа тоа го повтори и тогашниот премиер на Србија Милош Вучевиќ, кога дојде со министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ и градоначалникот на Нови Сад Милан Ѓуриќ да го посетат местото на несреќата.

„Неверојатно е дека 60 години таа настрешница не е обновена. Дури и кога целата станица беше реконструирана, настрешницата не беше. Некој ќе мора да објасни зошто“, рече српскиот претседател Александар Вучиќ во порака до јавноста.

Од таа вечер на 1 ноември, активисти на студентската организација СТАВ (Студенти против авторитарната влада) организираа бдеење со свеќи за жртвите на Плоштадот на слободата.

Од следниот ден, граѓаните и опозициските активисти почнуваат да организираат собири, барајќи одговорност од надлежните.
На 3 ноември беше организиран протест во Белград поради трагедијата во Нови Сад. Граѓаните оставија траги од „крвави раце“ на зградата на Владата на Србија.

На 5 ноември беше организиран протест „Раџете ви с крвави“ пред Градското собрание во Нови Сад и пред железничката станица. Се бараа оставки од премиерот Вучевиќ и градоначалникот на  Нови Сад, Милан Ѓуриќ. Претседателот на државата, Александар Вучиќ тој ден дојде во Нови Сад за првпат по несреќата, го посети Градскиот комитет на СНС. На 15 ноември во Нови Сад беше одржан првиот протест – 14 минути тишина за 14 жртви.

Една недела подоцна приврзаници на владејачката СНС, меѓу кои имаше и многу партиски функционери, нападнаа студенти и професори на Факултетот за драмски уметности во Белград кои им оддаваа почит на загинатите во трагедијата во Нови Сад.

Четири дена подоцна – наставата на ФДУ е прекината. Студентите побараа МВР на Србија да поднесе кривични пријави против лица познати на јавноста и да ги идентификува другите членови на организираната група што физички ги нападна студентите и професорите.

Од 29 ноември лани почна и првата блокада на Ректоратот. Одржан е првиот пленум. Студентите на белградски факултети ја прекинуваат наставата со барања за јавно објавување на документацијата за реконструкцијата на железничката станица во Нови Сад.Од 13 декември – веќе сите факултети во Белград и во Нови Сад беа во блокада.

На 15 март оваа година во Белград беше одржан најголемиот протест во историјата на Србија

Според Архивата на јавни собири, на улиците на Белград имаше помеѓу 275.000 и 325.000 луѓе. Сомневања постоеја дека на тој ден полицијата употребила и звучен топ, но еден ден подоцна, МВР на Србија ќе го негира тоа, а на 16 април ќе биде „потврдено“ и од Федералната служба за безбедност на Руската Федерација чии експерти вршеа анализи.

Од почетокот на мај студентите во блокада објавија дека бараат и одржување предвремени парламентарни избори, барање што го одби српскиот претседател.

Министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија, Горан Весиќ, поднесе оставка на 5 ноември, наведувајќи дека поднесува оставка „од морални причини“ бидејќи несреќата се случила во ресорот што го води.

Горан Весиќ и уште 11 лица, вклучувајќи ја Јелена Танасковиќ, в.д. директорка на „Железничка инфраструктура“, која поднесе оставка неколку дена претходно, беа приведени на 21 ноември поради падот на настрешницата.

Апсењата по наредба на Обвинителството за организиран криминал, чија истрага опфати 15 лица, вклучувајќи го и Томислав Момировиќ, беа извршени на 1 август оваа година.

Меѓу другото, уапсени се Момировиќ и неговата тогашна помошничка, Анита Димоски, како и Небојша Шурлан, кој беше вршител на должноста генерален директор на компанијата „Инфраструктура на железница на Србија“ од мај 2020 до март 2024 година.

Во моментов, три случаи се во фаза на истрага и се уште не е потврдено обвинение, па затоа не е покрената судска постапка.
Покрај таа постапка, за потенцијална корупција за време на модернизацијата на железницата до границата со Унгарија, се води една истрага за падот на настрешницата во Нови Сад и Белград.

Истрагата на Вишото јавно обвинителство во Нови Сад, со одлука на Вишиот суд во Нови Сад, на 12 март оваа година, беше вратена на дополнување.
На 18 јуни, Вишото јавно обвинителство го обвини Вишиот суд за опструкција, а по неговото дополнување, на 16 септември, објави дека поднело ново обвинение, против истите осомничени и за истите кривични дела.

Вишото јавно обвинителство во Белград покрена обвинение против тројца осомничени вклучени во истрагата на Обвинителството во Нови Сад, но за кривични дела со „коруптивни елементи“.

Оценките на експерти, вклучително и членови на независна Анкетна комисија, беа дека постапката во Белград всушност била обид за опструкција на постапката во Нови Сад.

Во изминатите неколку недели државни функционери наведуваат дека е можно падот на бетонската настрешница да бил предизвикан од терористички чин.

„Анализата и стручното испитување на над дваесет примероци од пронајдени траги, спроведени од Техничкиот оддел на Националниот центар за криминалистичка форензика при Министерството за внатрешни работи, не утврдија присуство на експлозивни супстанции…спроведената анализа покажа дека уривањето на настрешницата на железничката станица не е резултат на тероризам“, објави Вишото јавно обвнителство во јули.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчера во обраќање до јавноста нагласи дека му е жал за работите што им ги кажал на демонстрантите и студентите и уште еднаш ги повика граѓаните на дијалог по први ноември.

Тој потсети дека пред една година Србија доживеала ужасна трагедија во Нови Сад и најави дека денеска ќе оди во црква и ќе му се помоли на Бога и ќе запали свеќа за секоја жртва.

Како што рече, знае дека многумина се лути што виновниците за тој настан не се утврдени и нагласи дека тоа е разочарувачки и за него.

„Можам да го разберам гневот, особено на семејствата на жртвите и оние кои беа директно погодени од трагедијата“, нагласи тој.
„Би сакал први ноември да помине мирно, со повеќе тишина отколку бучава“. Вучиќ рече дека е потребно да се открие вистината „која е поткрепена со докази“. Тој рече дека денешниот ден не треба да биде ден што секој ќе го користи за своја политичка корист и повика на дијалог во општеството.

Како и пред двата големи протести во Белград на 15 март и 28 јуни, „Србијавоз“ и овојпат го прекина патничкиот сообраќај кон Нови Сад – претходните двапати причина беа „дојави за бомби“, но сега нема официјално објаснување на официјалната веб-страница на „Србијавоз“.

Патничките возови кон Нови Сад не сообраќаат од вчера попладне и утрово.

Пред три дена, јавното претпријатие „Патишта на Србија“ објави дека на 29 октомври стапила на сила привремена промена на режимот на сообраќај, што ќе трае до 10 ноември 2025 година. Во тој период, неколку правци до Нови Сад ќе бидат затворени поради „работи за обнова“.

„Целата оваа омраза што врие во нашето општество не носи ништо добро, само води кон поголемо уништување“, рече вчера во обраќањето српскиот претседател.

МИА