Македонија
29. March 2023 - 16:35

Владата ќе ги предаде сите документи за надзор над „Бехтел и Енка“

И покрај тоа што обвинителството отвори предмет за надзорот на коридорите 8 и 10Д, премиерот по којзнае кој пат денеска уверуваше дека постапката за избор на фирмите е законски чиста. Рече дека сите документи кои ги има Владата ќе ги предаде на надлежните кои го истражуваат предметот.

Јавното обвинителство да постапи за да се испитаат сите наводи, исто и антикорупциската комисија. Притоа, сите документи и одлуки коишто биле во надлежност на Владата во текот на изминатите месеци и години додека е подготвуван овој проект ќе бидат доставени до антикорупциската комисија“ – Димитар Ковачевски, премиер

По обвинувањата во Собранието од страна на ВМРО-ДПМНЕ дека има корупција во тендерите за коридорите, Ковачевски повика одговор и од американската и турската влада.

Владата на САД и Владата на Република Турција да кажат дали од некој од нив или од некоја нивна компанија од оваа држава некој нешто барал во текот на изминатите две години додека се подготвувал овој проект“ – Димитар Ковачевски, премиер

Опозицијата и денеска побара одговорност.

Очекуваме Јавното обвинителство да делува непристрасно и да постапи по сите правни недоследности за да се спречи криминал тежок 22 милиони евра. Да биде запрена постапката и одговорност за овој криминален тендер мора да има.“

Обвинителството за организиран криминал и корупција предметот го отвори вчера по допрен глас.

Спорни се „Електра солушнс“, „Евро консалтинг“ и „ Ептиса“. Првата порано шиела долна облека, па добила нова лиценца додека траел тендерот, а другите две се поврзуваат со Бранислав Димитријевиќ, лице со криминално досие по кого трага ерменското обвинителство.